Недостигот на работници во Северна Македонија достигна големи размери: бројот на слободни работни места во четвртото тримесечје од 2025 година изнесувал 10.615, што е највисока бројка забележана во последната декада, објави денеска влијателниот Блумберг Адриа.
Според објавените податоци, ова само потврдува дека земјата се соочува со хроничен недостиг на работна сила во повеќе економски сектори, особено во услужните дејности и продажбата каде што има најголем број на непополнети позиции (2.387).
Експертите што ги консултираше Блумберг Адриа и статистичките информации укажуваат дека главните фактори што придонесоа за ваквата состојба се иселување на работоспособни лица во потрага по повисоки плати и подобри услови во странство, нисок стандард и недостаток на мотиви за останување и работа во земјава, како и демографски предизвици, вклучително негативен природен прираст и стареење на населението.
Оваа појава е резултат и на долгорочни трендови на пазарот на труд во Македонија, каде што компаниите често не успеваат да најдат соодветни кандидати за работни места, додека стапката на невработеност истовремено може да остане релативно висока, што значи дека постои и проблем со несоодветни квалификации и невклопување меѓу работниците и потребите на работодавачите
Недостигот на работна сила е еден од најсилно изразените структурни проблеми на македонската економија. Ако не се преземат конкретни мерки – како подобрување на условите за работа, поттикнување на стекнување вештини или привлекување квалификувана работна сила од странство, трендот може да се продлабочи со негативни ефекти врз растот на економијата и конкурентноста на компаниите, оценува Блумберг Адриа.