„Македонијатурист“ АД Скопје преку Македонската берза информираше дека е засновано заложно право – хипотека на недвижниот имот во сопственост нa компанијата кој се наоѓа во општина Карпош (хотел Карпош) заради обезбедување на кредитна рамка во износ од 5.000.000 евра. Износот преставува 8,33 проценти од капиталот на друштвото.
Со оглед на тоа што компанијата во изминатиов период доживеа значителни промени во сопственичката структура, подолг период е во одлична финансиска кондиција, а располага со објекти кои долго време не работат, се наметнува прашањето дали заемот ќе биде искористен за оживување на хотелите кои некогаш беа белег на главниот град – „Бристол“, „Јадран“ и „Водно“?
Хотел „Јадран“, или „Арапска куќа“

Хотел „Јадран“, или „Арапска куќа“, е дело на архитектот Иван Артемушкин, кој бил ангажиран од браќата трговци Дикиџијан. Изграден во периодот помеѓу 1936 и 1938, сместен во срцето на Скопје, објектот на „Арапска Куќа“ – познат и како хотел „Јадран“ – е уникатен архитектонски пример скриен меѓу стаклените деловни објекти на малиот плоштад кој и го носи неговото име. Но, многу години пред да стане хотел или воопшто да ги добие неговите денешни називи, овој објект бил познат како домот на семејството Диќиџијан.
„Арапска куќа“ е прогласена за историски споменик на културата и таа е во втор степен на заштита на спомениците, како културно наследство.
Хотелот „Бристол“

Хотелот „Бристол“ е изграден во 1923 година и се вели дека е најстариот сочуван објект во Скопје со таа намена. Свечено го пуштиле во употреба на 24 април, 1924 година. Позициониран е во непосредна близина на Железничката станица и тој претставувал вистинско место за престој и забава. Во него функционирал и првиот Ротари клуб од 1931 година.