Можна ли е нова инвестиција во македонскиот банкарски сектор преку влез на реномиран меѓународен бренд е прашање кое заслужува внимание откако менаџментот на „Комерцијална банка“ АД Скопје во програмата на мерки и активности на деловната политика и финансискиот план на банката за 2026 година наведе дека обврската за евентуалното привлекување стратешки инвеститор останува една од приоритетните цели и задачи, открива денеска Блумберг.
„Во 2026 година останува обврската на банката дека, доколку акционерите на ‚Комерцијална банка‘ АД Скопје обезбедат контролен пакет на акции и утврдат соодветни параметри, менаџментот на банката ќе презема соодветни постапки, мерки и активности за евентуално привлекување потенцијален странски стратешки инвеститор“, пишува во програмата на мерки и активности на деловната политика и финансиски план на „Комерцијална банка“ за 2026 година.
Банката, по успешно одработената 2025 година, ќе подели дивиденда во бруто износ од 50 милиони евра. Се предлага сума од 1.350 денари за акција. Предлог одлуката на Управниот одбор ќе биде проследена до Надзорниот одбор, а потоа и до Собранието на акционери.