Блумберг: Со македонската просечна плата се купува најмалку гориво во регионот

Блумберг

Колку гориво можете да купите со просечна плата во регионот: Во Македонија најмалку, заклучува Блумберг Адриа во своето истражување.

Растечките цени на нафтата се пресликаа на цените на локалните бензински станици. Во Македонија во понеделникот имаше долги колони возила и нервозни возачи, кои чекаа на го наполнат резервоарот по пониска цена. Од вторникот дизелот се продава за 14,5 денари за литар поскапо и чини 85,5 денари. Цената на бензинот од 95 октани изнесува 79,5 денари за литар, а тој поскапи за пет денари. 

Сепак, и со новите цени на горивата, Македонија има најевтини деривати во регионот Адрија. Од петте земји, вчера само просечната цена на бензинот во Сараево беше пониска отколку во Македонија. Србија, пак, има убедливо најскапи горива во регионот.

Но, колку и да звучи политички удобно приказната за „најевтино гориво“, таа е нецелосна без споредба со платите, бидејќи животниот стандард не се мери само со цената на литар дизел, туку и со тоа колку литри можат да се купат со една плата.

Токму таму сликата за власта станува многу понепријатна. Минималната плата во Македонија изнесува 24.379 денари, односно 397 евра, и е повисока само од Косово, каде минималната нето-плата е 384 евра. Во исто време, минималната плата во Албанија е 444 евра, во Федерацијата БиХ 525 евра, во Република Српска 511 евра, во Србија се движи од 505 до 580 евра, а во Црна Гора достигнува 600 евра. Тоа значи дека аргументот за „најевтино гориво“ звучи поинаку кога ќе се стави до фактот дека македонските работници се меѓу најслабо платените во регионот.

Но контрастот не завршува со минималецот. И кај просечната плата Македонија останува на дното во регионалната споредба. Просечната нето-плата во земјава изнесува 45.961 денари, односно околу 747 евра. Тоа е помалку од Србија, каде просекот е 945 евра, од Босна и Херцеговина со 815 евра, од Црна Гора со 1.018 евра, како и далеку под Хрватска со 1.498 и Словенија со 1.627 евра. Со други зборови, проблемот не е само во тоа што минималната плата е ниска, туку што и просечната плата во Македонија останува најслабата во непосредното соседство.

Зачлени се на нашиот е-билтен