Вкупните депозити во Македонија заклучно со декември 2025 година достигнаа 661,2 милијарди денари (10,7 милијарди евра) што е зголемување за 10,1 проценти во однос на истиот месец претходната година и убедлив рекорд. Со тоа продолжува повеќегодишниот тренд на континуиран раст на депозитите кај македонските банки кој главно е поттикнат од штедењето на домаќинставата.
Комерцијална банка АД Скопје го објави финансискиот извештај за работењето минатата година, а во него меѓу друго стои дека вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесувале 164.760,6 милиони денари. Истите бележат зголемување од 6,5 % во однос на декември 2024 година, во најголем обем како резултат на зголемените депозити на домаќинства, а планот е остварен со 101,9%, велат од таму.
И Стопанска банка АД Скопје го објави финансискиот извештај за работењето лани. Во него меѓу друго стои дека вкупните депозити на други комитенти изнесуваат 119.828.814 илјади денари.
Сличен раст на депозитите е регистриран и во другите банки во земјата.
Врз движењата за раст на штедењето влијаеле навиките и потребите на граѓаните и на компаниите, со што кај депозитите е понагласена улогата на домаќинствата, а кај кредитирањето – на корпоративниот сектор.
Индикативно е дека штедењето во изминатиов период расте и покрај разгорената инфлација која беше и сѐ уште е повисока отколку каматите на депозитите, поради што се обезвреднува приносот на штедачите. Порталот за финансиски и економски прашања Блумберг Адриа анализира кои се причините зад ваквите трендови и дали граѓаните можат преку пласман на своите пари во други финансиски инсутрументи да заработат повеќе отколку преку банкарските депозити.