Власта продолжува да стои отстрана кога во прашање е висината на минималната плата.
Денес, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши одговарајќи на пратенички прашања рече дека за висината на минималната плата, требало да се договорат работодавците и сидникатите.
– Како Влада и како Министерство за економија не сме против зголемување на минималната плата, но потребен е договор меѓу синдикатите и работодавачите. Тие треба да се хармонизираат. Ниту еден договор не сакаме да го донесеме, а да е на штета на работниците и работодавачите. Предлогот за зголемување без економска основа е предизборен пример и проблем којшто ако го донесеме, малите и средните претпријатија ќе имаат проблем и ќе отпуштаат работници по што инфлацијата ќе се зголемува, рече Дурмиши.
На ова, реплицираше пратеничката од СДСМ Јована Тренчевска која впрочем и го постави прашањето за раст на платите.
– Инфлацијата го јаде секој денар, кој граѓаните го земаат на крајот на секој месец. Според вашата логика, проблемот не е дека граѓаните плаќаат повисоки сметки, туку дека ако земат минимална плата од 500 евра, ќе бидат криви за инфлацијата, рече Тренчевска.
Според Тренчевска, не држи образложението на министерот дека треба да се договорат само синдикатите и работодавачите затоа што станува збор за трипартитен социјален дијалог во кој учествуваат не само синдикатите и работодавачите, туку и Владата.
Инаку, Сидникатите со месеци бараат зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, додека од Владата најавуваат дека во март согласно законското зголемување платата која сега изнесува 24.400 денари ќе се големи за околу 2.000 денари, што е далеку помало зголемување од она што го бараат сидникатите.

