Дали Македонија е подготвена за откривање на литиум?

Дали Македонија е подготвена за откривање на литиум? Проф. д-р Дејан Трајковски од Техничкиот факултет на Универзитетот „Климент Охридски“ се осврнува на ова прашање во својата објава на социјалните мрежи, поттикнат од веста дека во Србија, во непосредна близина на границата со Македонија се потврдени наоѓалишта на литиум на поголеми површини.

Трајковски укажува дека во сенката на Јадар во Србија, едно од најголемите светски лежишта на литиум, кое може да се мери и со кинеските – речиси незабележано помина веста дека при гринфилд истражувања бил откриен литиум на крајниот југ на Србија, во општините Бујановац, Врање, Трговиште и Босилеград, што се граничат со Македонија.

Според информациите во неговата објава на Фејсбук, заспаното село Клиновац, во општина Бујановац, најверојатно лежи на богатство, а се наоѓа на само 8 km од македонската граница. Литиум во поголеми концентрации е потврден и во селата Кленике (6 km), Спанчевац (4,4 km од границата), како и во низа други локации (вкупно 28 на број), сè до градот Трговиште.

Со оглед на тоа што станува збор за релативно широко подрачје, постои голема веројатност истите геолошки формации да навлегуваат и на македонската територијата – особено во атарите на селата Пелинце и Враготурце кај Куманово, како и на планината Козјак. Овие локации се најизгледни кандидати за нови наоѓалишта, посочува Трајковски.

Македонската влада веќе покажа интерес за експлоатација на стратешки минерали важни за зелената транзиција, каде литиумот зазема особено место поради неговата улога во батериите за складирање енергија од сончеви и ветерни централи. Токму затоа, ова е поле за истражување за Републичкиот геолошки завод – најмалку во фазата на гринфилд истражувања, без нужно вклучување на странски компании, истакнува професорот од Техничкио факултет на УКЛО во Битола.

Благослов и проклетство

Трајковски е на став дека поседувањето резерви на литиум би можело да биде и благослов и проклетство. Благослов, ако државата инвестира во рударство и производство на батери-грејд литиум, што во светски рамки носи внатрешна стапка на поврат на инвестицијата од 30–40% годишно.

Проклетство, доколку се соочи со незадоволство на локалното население. Иако станува збор за еден од најпасивните и најсиромашните региони во Македонија, отпорот кон рударски проекти не е непознат – пример е Иловица-Штука (сатанизирани како „рудници на смртта“), каде жителите не дозволија дури ни ископување бакарна руда, укажува Трајковски.

Којзнае дали би прифатиле ископување и добивање на литиум, се прашува професорот, иако, како што вели тој, литиумот е еколошки „почист“, во смисла дека нема тешки метали и киселинска дренажа (ни цијаниди, како при добивањето злато и сребро), остава помалку рударски отпад, но остава сулфатни соли и троши големи количества вода. Ако започнат протести и немири како во Србија, можеби би биле посреќни никогаш да не откриеме резерви на литиум, смета Трајковски.

Шанса за сиромашните краишта

Сепак, како што посочува проф. д-р Дејан Трајковски, ако процесот биде добро осмислен и се преземат сите мерки за безбедно управување со рударскиот отпад – особено со сулфатните соли, нуспроизводи од неутрализацијата на сулфурната киселина од процесот на пржење на литиумскиот концентрат – тогаш постои реална шанса овие пасивни краишта да излезат од вековна сиромаштија. Рударството и поврзаната индустрија би отвориле нови работни места, а државата би добила ресурс со висока пазарна вредност.

Се разбира, сето тоа зависи од суштинското прашање: дали навистина ќе се потврдат резерви на литиумова руда на територијата на Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен