Владата на Република Македонија постигна стратешки договор со Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) и Синдикатот на администрацијата и државната управа (САДУ) за зголемување на платите на 11.000 вработени за 40% до 2028 година. На прес конференцијата на која беше соопштена оваа одлука беше речено дека овој чекор има за цел долгорочна стабилизација на јавниот сектор.
„Како и да е јас сум задоволен од ова. Нека е со среќа и очекувам уште многу вакви успешни моменти понатаму, а им благодарам на двајцата претседатели, на гранковите синдикати и на УПОЗ и на САДУ што после долго време во еден конструктивен разговор изминатава недела успеавме да дојдеме до заедничко решение“, рече на прес конференцијата после состанокот со УПОЗ и САДУ, претседателот на Владата на Северна Македонија Христијан Мицкоски, која што всушност е работодавач на вработените во овие синдикати.
Договор со синдикатите УПОЗ и САДУ предвидува етапно зголемување на платите за околу 11.000 вработени во државната администрација, судовите и обвинителствата. Планот предвидува кумулативен раст од речиси 40% во периодот до 2028 година, што претставува обид за воспоставување долгорочна предвидливост во буџетските расходи. За реализација на овој пакет, Владата ќе треба да издвои над 10 милиони евра, а операционализацијата ќе се врши преку поединечни колективни договори. Овој модел на етапно покачување е дизајниран да го амортизира притисокот врз државната каса, истовремено гарантирајќи им на вработените континуиран раст на примањата во наредните три години.
Сега останува отворено прашањето дали Владата и Организацијата на работодавачи, заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија, како партнери во економско-социјалниот совет, ќе најдат решение за покачување на минималната плата и за редизајн на новиот општ колективен договор и односите со останатите синдикални организации, што владата го постави како услов.
Ние како Влада го повторуваме веќе подолго време е дека општиот колективен договор е истечен, иако таму во завршните преодни одредби стои дека тој останува во сила сè додека не се донесе нов. Ние сме подготвени како Влада да седнеме и во овој период до 2028 година се разбира очекувам тоа да биде во пократок период заедно со двата репрезентативни синдикати во случајов ССМ и КСС да седнеме и да испреговараме еден нов општ колективен договор којшто ќе биде единствена алатка врз основа на која ќе бидат исплаќани платите, од друга страна ќе биде алатка којашто ќе ја имаат и работниците, но ќе ја има и Влада и цениме дека една ваква вин-вин комбинација, односно двете страни да добијат, а најмногу граѓаните и најмногу државата се разбира можеме да го направиме со едно зрело работење и со една доверба што мислам полека, но сигурно со одредени структури во синдикатите“, нагласи Мицкоски.
Во продолжение тој уште еднаш го повтори веќе познатиот став дека ССМ е во дослух со „одредени политички партии“.
„Не велам со сите, но со одредени структури во синдикатите ние како Влада градиме (односи), бидејќи има структури што за жал никако да излезат од политичките прегратки на одредени политички партии“, рече Мицкоски.