Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска попладне ќе одржи состанок со трговците, производителите и дистрибутерите на прехранбени производи, на кој, како што најави, ќе упати последно предупредување за цените.
„Нашето барање е да дејствуваат соодветно и да не ги зголемуваат цените. Ова ќе биде крајна опомена и предупредување до нив. Во спротивно, ќе преземеме мерки кои ќе бидат ригорозни,“ изјави Дурмиши, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на проектот „училишна кошничка“.
Министерот истакна дека доколку трговците продолжат да се однесуваат како во изминатите месеци, Владата ќе донесе „остра одлука“ и ќе примени конкретни чекори за заштита на стандардот на граѓаните.
„Со тоа што ги повикуваме на средба, јасно е дека се подготвуваме за преземање мерки,“ додаде Дурмиши.