Економистите: Време е за заедничка акција на академијата и политиката

Економистите: Време е за заедничка акција на академијата и политиката

Во организација на Сојуз на Економисти на Македонија во партнерство со Економскиот факултет – Скопје при УКИМ и Балканската асоцијација на економисти во применета економија, беше организирана меѓународната конференција на тема: „Применети економски истражувања: пат кон оптимални национални стратегии и политики
во турбулентни времиња“.

Меѓународната конференција започна со воведни говори на Проф. д-р Борче Треновски, претседател на Сојузот на економисти на Македонија, Проф. д-р Ирај Хаши, претставник на Балканскиот сојуз на економисти во применета економија и Проф. д-р Мијалче Санта, декан на Економскиот факултет – Скопје при УКИМ.

Времињата на кризи се повик за економска мобилизација и колективна акција на целата заедница. Потребно е да ги поврземе оние што истражуваат, оние што одлучуваат и оние што спроведуваат политики за да создадеме заеднички решенија, истакна во своето воведно обраќање проф. д-р Борче Треновски, претседател на Сојузот на економисти на Македонија.

Треновски потенцираше дека конференциите мора да излезат од рамките на академските сали и да се претворат во простор каде науката и практиката се среќаваат, а доказите се трансформираат во конкретни политики. Тој ја истакна и мисијата на Сојузот – економската логика и фактите да бидат во сржта на јавните политики, затоа што економијата е сила која влијае врз секоја општина, секое претпријатие и секое домаќинство.

Во првата панел-дискусија, под наслов „Применето истражување како алатка за формулирање на оптимални економски политики и стратегии за одржлив национален развој“, учество земаа М-р Златко Перински – Министер за локална самоуправа, Максим Ацевски – Главен државен ревизор, Николче Анкуловски – Заменик-министер за
финансии, Проф. д-р Абдулменаф Беџети – Академик–МАНУ и претседател на Фискален совет, Проф. д-р Вил Барлет – Лондонска школа за економија и политички науки и Проф. д-р Ирај Хаши, Универзитет Стафордшир, Обединето Кралство.

Втората панел дискусија беше можност за продлабочен дијалог меѓу академската заедница и институциите, со цел да се идентификуваат нови пристапи и решенија.

Во истата дискутираа: Д-р Дејан Станков, директор на Државниот завод за статистика, Д-р Маре Богева Мицовска, директорка на Бирото за јавни набавки, Проф. д-р Владимир Филиповски, Економски факултет – Скопје, Проф. д-р Ивана Прица, Економски факултет, Универзитет во Белград, Проф. д-р Владан Ивановиќ, Економски факултет – Крагуевац и Проф. д-р Хирије Абази-Алили, Универзитет на Југоисточна Европа.

Во третата панел дискусија, „Градење отпорни општества: Здрава економија и социјална политика“, своите искуства и научни согледувања ги споделија: Д-р Џефри Дроп, Bloomberg School of Public Health, Проф. д-р Дрини Имами, Земјоделски факултет – Тирана, Албанија, Проф. д-р Александра Мартиновска-Стојчевска, Земјоделски факултет, УКИМ, М-р Бојана Мијовиќ-Христовска, Analytica, Проф. д-р Драган Глигориќ, Економски факултет – Бања Лука, БиХ и Д-р Кристијан Кожески, Економски факултет – Скопје, УКИМ.

„Квалитет на живот и добро владеење: Перспективи за модерните општества“ беше четвртиот панел, каде учество земаа Бојан Стојаноски, пратеник и претседател на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Петар Минов, шеф на Парламентарната буџетска канцеларија, Иван Стефановски, National Democratic Institute (NDI), Д-р Ѓунтер Мерџан, Економски факултет – Скопје, УКИМ и Проф. д-р Јасна Анастасијевиќ, Природно-математички факултет – Нови Сад.

На меѓународната конференција се обрати и гувернерот на Народна банка на Република Северна Македонија, проф. д-р Трајко Славески, кој кажа дека квалитетните и навремени податоци и анализи се клучни во носењето на кредибилни политики со кои се одржува макроекономската стабилност.

Гувернерот нагласи дека Народната банка е пример за институција која своите одлуки ги темели на робусни докази – детални емпириски истражувања, статистички анализи и квалитетни податоци што ја зајакнуваат довербата во институцијата и нејзиниот кредибилитет.

Во време на глобални неизвесности и повеќе последователни кризи, подвлече Славески,токму силниот кредибилитет на централната банка е најмоќната алатка за успешно остварување на целите на монетарната политика и обезбедување економска стабилност.

Зачлени се на нашиот е-билтен