Проектираниот раст на бруто-домашниот производ (БДП) од 3,8 проценти за следната година, предвиден во предлог-буџетот од над 6,7 милијарди евра, е тешко достижен, предупредуваат економските експерти. Иако Владата најавува стабилен буџет насочен кон заштита на животниот стандард и континуитет, аналитичарите укажуваат дека без подобра реализација на капиталните инвестиции, посакуваниот економски раст ќе остане само проекција.
„Не сум голем оптимист дека ќе се реализира оваа стапка, иако е можно доколку администрацијата го искористи целиот капацитет и се задржи фокусот на капиталните проекти,“ вели универзитетскиот професор Зоран Ивановски. Тој потсетува дека слабата кондиција на градежната оператива и неефикасноста на јавната администрација традиционално водат до ниско ниво на искористување на средствата за капитални инвестиции.
Сличен став има и професорот Синиша Наумоски, кој додава дека се забележува континуирано потфрлање во капиталните трошоци. „Има намалување на капиталните инвестиции за околу 650 милиони евра, што ќе биде голем предизвик и за наредната година,“ истакнува Наумоски, додавајќи дека за одржлив раст потребно е да се создаде подобар амбиент за приватни инвестиции.
Според предлог-буџетот, буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 проценти од БДП, односно 637 милиони евра. Владата планира ново задолжување од 1,7 милијарди евра, од кои 950 милиони преку еврообврзница. Очекувањата се дека инфлацијата во 2026 година ќе се стабилизира на 2,5 проценти.
