Од почетокот на новиот конфликт на Блискиот Исток до средата, 8 април, капацитетите на соларните електрани во Европската унија (ЕУ) ѝ заштедиле на Унијата дури 4,7 милијарди евра преку намалени трошоци за увоз на гас, покажува посебен бројач на организацијата SolarPower Europe.
Според податоците, обновливите извори на енергија – особено соларната енергија и системите за складирање – можат да делуваат како „амортизер“ кој ги штити граѓаните и економијата од нагли скокови на цените на енергијата и зголемување на трошоците за увоз.
Организацијата спровела и анализа за првиот месец од конфликтот, според која соларната енергија во март ѝ заштедила на ЕУ повеќе од 110 милиони евра дневно на увоз на гас, односно околу 3,77 милијарди евра за целиот месец.
На почетокот од март, цените на гасот во ЕУ надминале 50 евра по мегават-час, што е околу 50% повеќе во однос на истиот период минатата година и речиси двојно повеќе од претходниот месец. Овој раст, според аналитичарите, е последица на геополитичките тензии и зголемените цени на нафтата поради нарушувања во снабдувањето на Блискиот Исток.
Без соларната енергија, увозот ќе беше значително поскап
Според Европската комисија, ЕУ само во првата половина од март потрошила околу шест милијарди евра за увоз на фосилни горива. Сепак, доколку во изминатите години не се развивале соларните капацитети, сметката за увоз би била за околу 32% повисока – односно за 1,9 милијарди евра повеќе само во првите 17 дена од март.
До крајот на минатата година, во ЕУ биле инсталирани околу 406 GW соларни електрани, кои учествуваат со околу 13% во вкупното производство на електрична енергија.
Овие капацитети, според извештаите, значително придонеле за намалување на зависноста од увоз на гас од почетокот на конфликтот.
Големи долгорочни заштеди
Во зависност од движењето на цените на гасот, се проценува дека до крајот на 2026 година соларната енергија може да ѝ заштеди на ЕУ меѓу 35 и 68 милијарди евра. До крајот на деценијата, вкупните кумулативни заштеди би можеле да достигнат и до 170 милијарди евра.
Експертите посочуваат дека земјите од Западен Балкан значително заостануваат во енергетската транзиција. Со само 0,24 GW соларни капацитети и учество под 0,5% во производството на струја, потенцијалот за заштеди е многу ограничен.
Во исто време, податоците покажуваат дека земјите од регионот остануваат силно зависни од увоз на фосилни горива, што ги прави ранливи на глобалните енергетски шокови.
Аналитичарите предупредуваат дека актуелната ситуација уште еднаш покажува колку развојот на домашни, обновливи извори на енергија е клучен за енергетската безбедност и економската стабилност на државите.