Во очекување на резултатите од трговските преговори меѓу ЕУ и САД, претставници на Унијата вчера одржале таен состанок на кој бил утврден став дека блокот би можел да се согласи на основна царина за извоз на европските стоки на американскиот пазар на ниво од 15 отсто, објави бриселскиот портал „Еурактив“.
Според наводите на медиумот, кој важи за добро информиран кога станува збор за работата на институциите на ЕУ, на состанокот било договорено и да се прифати царина од 50 проценти за извозот на европскиот челик во САД, но за возврат да се бараат отстапки во други сектори.
Пред неколку недели извори од ЕК брифираа дека Унијата, која дотогаш јавно се залагаше за политика на „нула за нула“ царини во трговијата со САД, би се согласила на основна царинска стапка од 10 отсто за европскиот извоз на американскиот пазар, по примерот на трговскиот договор меѓу Вашингтон и Лондон.
Дипломатски извори во ЕУ тврдат дека САД се близу до договор за царини од 10 отсто и со Јапонија, стапка која единствено не би важела за оризот.
Американската администрација на почетокот на месецов соопшти дека решила да го одложи воведувањето на општата царина од 30 отсто за увозот на европски стоки до 1 август, оставајќи простор за договор во трговските преговори што се во тек меѓу САД и ЕУ.
Во, исто време, ЕК најави свој арсенал на контрамерки, доколку САД на 1 август сепак ја воведат планираната царинска стапка. Ваквата најава на ЕК повеќе се толкува како обид за притисок врз САД да се откажат од воведувањето на царините од 30 отсто.