Европската Унија планира мерки за ублажување на последиците од зголемувањето на цените на енергијата предизвикани од војната меѓу САД и Израел против Иран, но засега не разгледува радикални пазарни интервенции како што е ограничувањето на цените на гасот, според писмото од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, до лидерите на ЕУ, во кое Ројтерс има увид.
Во писмото упатено до лидерите на земјите-членки пред самитот на ЕУ во Брисел, Фон дер Лајен презентираше планови што вклучуваат зголемување на понудата на дозволи за емисија на јаглерод на европскиот пазар и дополнителна финансиска помош за индустријата.
Сепак, предлогот не ги вклучува порадикалните мерки што ги бараат некои членови, како што е целосно редизајнирање на европскиот пазар на електрична енергија.
„Во моментов, физичката безбедност на снабдувањето со Европската Унија е обезбедена, но зголемувањето на цените на фосилните горива веќе влијае врз нашата економија“, рече Фон дер Лајен во писмото.
Според неа, сметката на ЕУ за увоз на нафта и гас се зголемила за шест милијарди евра од почетокот на конфликтот со Иран, кој избувна на 28 февруари.
За да се намалат вкупните трошоци за енергија за крајните потрошувачи, Европската комисија планира да обезбеди поголема државна помош за индустријата во ситуации кога високите цени на јаглеродот ги зголемуваат сметките за електрична енергија.
Брисел планира и промени во резервниот систем што го регулира снабдувањето со дозволи за емисии во рамките на европскиот пазар на јаглерод, со цел да се стабилизираат цените на краток рок, се вели во писмото.
Планирани се и промени во правилата за бесплатни дозволи за емисии, што одредени индустрии ги добиваат како дел од климатската политика на ЕУ, бидејќи одредени сектори бараат нивното укинување да не се спроведува толку брзо како што е планирано.
Во писмото, фон дер Лајен, исто така, најави олеснување на планираното постепено намалување на бројот на дозволи во рамките на системот за тргување со емисии.
Претстојниот предлог за реформа на тој систем треба да воспостави „пореалистичен пат за декарбонизација по 2030 година“, се наведува во писмото.
Референтните европски цени на гасот се зголемија за повеќе од 50 проценти од почетокот на војната со Иран минатиот месец.
Предлозите на Европската комисија се обидуваат да постигнат рамнотежа помеѓу барањата на некои земји, вклучително и Италија, за привремено суспендирање на европскиот пазар на јаглерод за намалување на сметките за енергија и ставовите на земји како Шведска и Холандија, кои се спротивставуваат на слабеењето на системот.
Европа, како што објаснува Ројтерс, е во голема мера зависна од увозот на енергија, поради што е особено изложена на глобалните флуктуации на цените, а владите сакаат да избегнат повторување на енергетската криза од 2022 година, кога цените достигнаа рекордни нивоа по намалувањето на снабдувањето со руски гас.
Европската унија увезува поголем дел од својата нафта и гас од Соединетите Американски Држави, Норвешка и други добавувачи кои не се директно погодени од прекините во снабдувањето од Блискиот Исток.