Eurofound: Работните услови во Европа подобрени, но нееднаквостите остануваат длабоки

Најновата паневропска анкета на Eurofound открива дека квалитетот на работата во Европа бележи напредок во последната деценија, но дека разликите меѓу половите и меѓу земјите сè уште се значителни.

Истражувањето „Услови за работа во Европа 2024“, спроведено преку интервјуа со повеќе од 36.000 работници во 35 земји, користи седум индикатори за мерење на квалитетот на работата. Податоците покажуваат позитивни трендови – бројот на вработени кои работат повеќе од 48 часа неделно е речиси преполовен, што ја намалува разликата меѓу мажите и жените во балансот меѓу работата и приватниот живот.

Работниците, особено мажите, пријавуваат повеќе можности за усовршување и користење на вештини. Но, зад овие резултати се кријат големи нееднаквости. Индексот на социјална средина – кој ја мери квалитетот на односите на работа – се влошил кај жените, кои се почесто изложени на вербална злоупотреба и непријателско однесување.

Секторите во кои жените доминираат, како здравството и образованието, се обележани со поинтензивна работа и високи емоционални барања. Дополнително, расте седентарната работа: 40% од вработените седат најголемиот дел од работното време, при што жените се малку повеќе погодени од мажите.

И покрај намалената загриженост за губење на работата, несигурноста околу приходите останува проблем. Дури 15% од испитаниците не можат да предвидат колкави ќе им бидат примањата во следните три месеци, а во земји како Романија и Грција тој процент надминува една четвртина. За споредба, работниците во Австрија и Германија уживаат далеку поголема предвидливост и стабилност.

Прелиминарните резултати јасно покажуваат: иако европскиот пазар на труд се движи во позитивна насока, подобрувањата не стигнуваат рамномерно до сите. Eurofound апелира до креаторите на политики да ги надминат просечните показатели и да се фокусираат на специфичните ранливости и системски нееднаквости што и понатаму ја обликуваат реалноста на милиони работници.

Зачлени се на нашиот е-билтен