По повеќегодишна соработка и реализирани инвестиции во вредност од 1,6 милијарди евра, Европската инвестициска банка (ЕИБ) го формализираше своето присуство во Македонија со отворање претставништво во земјата. Со потпишаниот договор се најавува интензивирање на соработката и поддршка на нови проекти во повеќе сектори.
Според соопштението од Банката, новата канцеларија ќе овозможи поблиска координација и поефикасна реализација на проектите финансирани од европските фондови. ЕИБ ќе продолжи да обезбедува кредити и техничка поддршка во областа на енергетиката, заштитата на животната средина, водоснабдувањето и управувањето со отпадни води, како и во процесот на транзиција кон обновливи извори на енергија.
Посебен акцент се става на соработката со Развојната банка, преку која досега се обезбедени 650 милиони евра за поддршка на малите и средните претпријатија. Европската инвестициска банка најави и дополнителна помош во развојот на нови проекти и пренос на знаење во зелениот, финансискиот и корпоративниот сектор.
Во рамките на пошироките економски активности, планирани се и иницијативи за проширување на надворешната трговска соработка, вклучувајќи идни деловни мисии во региони во Африка и Азија со цел поттикнување на нови пазари за домашните компании.
Отворањето на претставништвото се очекува да придонесе за поблиска институционална соработка меѓу земјата и европските финансиски институции, како и за забрзување на процесот на интеграција во Европската унија.

