Европските берзи благо закрепнуваат по вчерашниот пад

По значителниот пад на вредностите во текот на вчерашниот ден, европските берзи утрово бележат благ пораст, враќајќи дел од загубите.

Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски компании, во 9:30 часот беше зголемен за 0,2 проценти. Лондонскиот FTSE доби 0,12 проценти и достигна 9.127 поени, франкфуртскиот DAX зајакна за 0,45 проценти на 23.595 поени, додека парискиот CAC се искачи за 0,49 проценти и изнесува 7.690 поени.

Вчерашниот пад на индексите беше поттикнат од политичката криза во Франција и загриженоста на инвеститорите околу растечката инфлација во еврозоната. Денеска, пак, пазарите се смирени и бележат умерен оптимизам.

На азиските берзи, трендот е поинаков – повеќето индекси се во минус. Регионалниот MSCI индекс во 9:30 часот падна за 0,2 проценти. Најголемиот пад го имаа берзите во Хонг Конг, Јапонија, Шангај и Австралија, каде вредностите се намалија меѓу 0,7 и 1,8 проценти. Наспроти тоа, во Индија и Јужна Кореја индексите пораснаа за околу 0,3 проценти.

Овие движења во голема мера се одраз на вчерашниот пад на Волстрит: Dow Jones ослабе за 0,55 проценти, S&P 500 падна за околу 0,7 проценти, а Nasdaq индексот за 0,8 проценти.

Причината за потресите на американските пазари се наоѓа во неизвесноста околу иднината на тарифите воведени од претседателот Доналд Трамп. Американскиот жалбен суд во петокот пресуди дека поголемиот дел од овие царини се незаконски, со што се доведе во прашање клучниот инструмент на администрацијата во трговската политика.

Трамп најави жалба до Врховниот суд, а тарифите може да останат во сила до 14 октомври, иако нивната судбина останува неизвесна.

„По оваа пресуда се поставува прашањето: дали администрацијата на Трамп ги одби трговските партнери и истовремено изгуби приходи од царини?

Тоа е она што ги загрижува пазарите,“ изјави Оливер Пурш, потпретседател на Wealthspire Advisors.

Зачлени се на нашиот е-билтен