Филипче: Владата има лоши економски политики и манипулира за растот на индустриското производство

Власта има лоши економски политики, ниту пак води грижа за работниците во било кој сектор и воопшто нема најава за зголемување на платите. Не може државата да се движи напред, не може луѓето да дадат сè од себе во својот работен процес ако не се стимулирани, а не се. Едноставно, не можат да врзат крај со крај, рече денеска во одговор на новинарско прашање, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.

Државата тоне во економска несигурност, додека Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема никакви политики за раст на платите и подобар животен стандард.

„Жалам што има лоши економски политики, кои едноставно ниту пак имаат грижа за работниците во било кој сектор и нема најава за зголемување на платите. Луѓето кубурат, цените се огромни, владата не прави ништо да ги исконтролира, ниту во маркетите, ниту пак има некакви добри економски политики коишто во иднина ќе донесат добро. Не може државата да се движи напред, не може луѓето да дадат сè од себе во својот работен процес ако не се стимулирани, а не се. Едноставно, не можат да врзат крај со крај“, рече Филипче.

Гледаме можност за сериозна криза, додаде Филипче потенцирајќи го падот на директните странски инвестиии.

„Странските инвестиции од над 500 милиони евра се намалени во првата половина од оваа година, ако ја споредиме со ланската, на 220 милиони. Тоа е само еден доказ дека владата води лоши политики“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека е лицемерен по објавата за инвестицискиот „бум“, Филипче рече дека од СДСМ излегуваат со бројки и со аргументи.

„Гледаме дека во првите шест месеци лани странските инвестиции биле над 500 милиони евра, а сега се 220 милиони евра во првите 6 месеци годинава. Ете ги резулатите од економските политики на Владата. Вчера премиерот кажува дека има раст на индустриското производство, а не кажува дека само станува збор за разлика во цените поради тоа што сите репроматеријали и сé што се користи во индустриското производство е поскапено. Оттука произлегува зголемувањето на цените, не е физички зголемено индустриското производство, нема повеќе производство. За жал, гледаме катастрофални политики, политики на негрижа кон граѓаните, на секое ниво. Цените во маркетите не се под контрола, платите никако не растат. а со лозарите вчера го коментиравме проблемот. Вие може да излезете и да кажете што било, но луѓето знаат колку пари добиваат секој први од месецот и колку можат да им купат на децата“, подвлече Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен