Горивата ќе поевтинат, а Владата брза да си припише заслуга

Мицкоски

Горивата ќе поевтинат, најави премиерот Христијан Мицкоски на 11 април, тврдејќи дека на следната седница на Регулаторната комисија за енергетика се очекува бензините да паднат за 1,5 денари, а дизелот за 2,5 денари. Владата како однапред политички да го слави намалувањето како сопствен успех, иако официјалната одлука сè уште не е донесена, а самата пресметка, според зборовите на Мицкоски, се темели врз берзанските движења на нафтата и дериватите, а не врз нова домашна интервенција.

Ова е важно и поради една проста причина. На официјалната страница на РКЕ, последните важечки цени од 7 април се 83,5 денари за Еуросупер 95, 85,5 денари за Еуросупер 98 и 98 денари за дизел. Намалувањето што го најавува премиерот практично значи спуштање на тие веќе утврдени цени на 82, 84 и 95,5 денари, но до моментот на изјавата тоа сè уште е очекување, а не регулаторна одлука. Затоа и политичката порака на Владата звучи како обид однапред да се капитализира потег што формално го носи РКЕ, а фактички го диктира меѓународниот пазар.

Во меѓувреме. Ројтерес објави дека Брент неделава паднал на 95,20 долари за барел, што е неделен пад од 12,7 отсто, најголем од август 2022 година, откако пазарите реагираа на кревкото примирје и очекувањата за разговори меѓу САД и Иран. Само неколку дена претходно, истата агенција објави дека цената се спуштила од 118 долари на крајот на март на околу 94 долари по најавата за прекин на огнот. Со други зборови, намалувањето што Владата сега го пакува како доказ за „успешна политика“ доаѓа пред сè од глобален пад на нафтата, а не од владина интервенција.

Токму затоа изјавата на Мицкоски открива повеќе политички маркетинг отколку економска трезвеност. Владата продолжува со веќе постојните мерки за намалено ДДВ и усогласување на акцизите, но новоста што денес јсе претстави како триумф не е резултат на свеж потег, туку на надворешен ценовен пресврт. Во време кога горивата директно ја диктираат и инфлацијата и трошоците на транспортот, јавноста има право да добие помалку славенички тон, а повеќе јасно објаснување што е заслуга на Владата, што е работа на РКЕ и што е едноставно производ на суровиот светски пазар.

Зачлени се на нашиот е-билтен