Исплатата на средствата преку мерката „Мој ДДВ“ активно се реализира, а до вчера на сметките на граѓаните веќе се префрлени 552 милиони денари, информира директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова. Таа соопшти дека се подготвени и налози за исплата на дополнителни 370 милиони денари, кои ќе бидат префрлени веднаш по техничката обработка.
Петрова објасни дека кај дел од корисниците може да се појави застој во исплатата, најчесто поради технички причини како што е невалидна трансакциска сметка, што не зависи од УЈП. Таа нагласи дека повратот за третиот квартал се обработува по поднесувањето на пријавите во септември и дека процесот е во тек.
Паралелно со повратот за граѓаните, се реализира и повратот на ДДВ за компаниите. До вчера, кон фирмите биле исплатени речиси 500 милиони евра. Петрова истакна дека овој процес е континуиран и дека налозите се изготвуваат за компаниите кои не се оценети како ризични. Кај дел од фирмите, постапката трае подолго бидејќи се потребни надворешни контроли.
Таа откри дека околу 60 милиони евра дополнителни даноци биле утврдени во периодот јануари–октомври, од кои половина се однесуваат на ДДВ. Според Петрова, ова покажува дека даночните контроли се неопходни за да се спречат неосновани исплати од буџетот. Должината на секоја контрола зависи од големината и комплексноста на компанијата.
Во поглед на реализацијата на планот за наплата на даноците, УЈП бележи високи резултати: за периодот јануари–октомври, извршувањето достигнува 99 проценти кај ДДВ, околу 95 проценти кај данокот на добивка, додека кај данокот на личен доход има заостанување, но се преземаат активности за да се подобри реализацијата и во оваа категорија.

