Јовановиќ: Алта банка може да ја наруши финансиската стабилност во земјата, гувернерот да не го одобри преземањето на Стопанска банка Битола

Алта банка може да ја наруши финансиската стабилност во земјата

Алта банка може да ја наруши финансиската стабилност во земјата, вели Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, во разговор за Рацин.мк. Укажува дека е крајно проблематична намерата на српската Алта банка да ја преземе Стопанска банка Битола. За српската банка Европската централна банка има отворено истрага за можно перење пари, па оттаму и гувернерот на Народната банка на Северна Македонија треба сериозно да размисли, па дури и да не го одобри преземањето на Стопанска банка Битола.

Рацин.мк: Што значи влегување на српска банка на македонскиот финансиски пазар во моментов?

Мислам дека прашањето тука воопшто не е од каде е таа банка, туку каква е таа. А Алта банка е добро позната како контроверзна банка, која ја следат многу скандали. Во Србија е позната како банка која е блиска до владеачката партија и која профитираше од повластени договори со неколку државни фирми кои напплатата ја вршеа преку неа. Во Австрија е позната како банка која беше казнета лани поради прикривање на информации. Во Европската унија е позната како банка против која Европската централна банка води истрага за можно перење пари, за што пишуваше Фајненшл тајмс, случај, кој колку што можев да видам, сè уште не е затворен. Знаејќи го сето ова, навистина не гледам што добро може да донесе една ваква банка, и мислам дека само може да направи проблеми.

Европската централна банка води истрага поврзана со Алта банка за можно перење пари

Каков е рејтингот на Алта банка, кој стои зад неа?

Доволно е само да се изгугла името на банката за да се види дека нејзиниот сопственик е близок со српскиот претседател Вучиќ и до неговата Српска напредна странка, и дека има бројни стории за тоа како сè тој се има богатено поради овие врски, не само преку банката. Од друга страна, банката не е позната како некоја од главните играчи на банкарскиот пазар во Србија, има само околу 2% пазарно учество, не е позната како банка која го револуционизира пазарот, која донела нешто ново за потрошувачките.

Алта банка е добро позната како контроверзна банка, блиска до владеачката партија во Србија

Каква е улогата на Народната банка на Северна Македонија во вакви случаи и на гувернерот во една ваква операција?

Гувернерот дефинитивно може да не го одобри преземањето на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка, со образложение дека станува збор за банка која ја следат контроверзи и скандали и за која дури и Европската централна банка (ЕЦБ) води истрага. И не само што може да го направи тоа, туку мислам дека и мора во оваа ситуација. Да дозволите на пазарот да ви влеза банка за која Фајненшл тајм пишува дека ЕЦБ води истрага за перење пари – мислам дека е навистина непрофесионално, и може да ја наруши финансиската стабилност во земјата.

Што треба да се очекува на банкарскиот пазар доколку дојде до преземање на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка?

Големи промени на банкарскиот пазар нема да има, затоа што не верувам дека мотивите на оваа банка се да го освојува пазарот или да го модернизира. Таа ни во Србија не е позната по тоа. Мотивите мислам дека се од друга природа – ќе им овозможи на таа група бизнисмени и политичари од Србија пристап до македонскиот пазар, што може да биде многу корисно ако има промена на власта во Србија наскоро, што мислам дека е веќе извесно. Она што не ми е јасно во целата ситуација е кои се мотивите на македонските власти. Не можам да видам што би добиле тие, освен провизии од продажбата. Можеби и тоа им е доволно.

Гувернерот дефинитивно може да не го одобри преземањето на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка

Дали е ова засилување на унгарско-српското влијание во Македонија?

Попрво би кажал дека нашата влада си ја зацврстува позицијата во тимот на Вучиќ и Орбан. Не само идеолошки, туку и во поглед на начинот на владеење и бизнис релациите. Лошото во целата работа е што станува збор за мал и слаб тим, кој не е многу ценет во Европа и светот, а и на кој не му оди баш добро во последно време – поддршката и на Вучиќ и на Орбан е падната драстично, очекувањата се тие да ги изгубат следните избори. Но во Македонија никогаш не се размислувало стратешки, секогаш се гледало само како да се збогатиш преку ноќ додека си на власт.

⁠Треба ли да се очекува како следен чекор влез на унгарска банка во Македонија?

Не сум сигурен… Мислам дека просторот за тоа би се стеснил по влегувањето на Алта банка. И затоа што се намалува бројот на банки кои можат да ги преземат, и затоа што им се намалуваат мотивите – сè што би сакале да прават, ќе можат да го прават преку Алта банка.

Зачлени се на нашиот е-билтен