Во јавноста во последно време, заради иницијативата на граѓанската асоцијација „Стоп за Усје“, стана актуелно прашањето дали може да се одземе А интегрирана еколошка дозвола (А-ЕИД) што ја поседуваат компаниите. Во тој контекст добро е да се познаваат фактите кои определуваат кои компании добиваат А-ЕИД и каква е улогата Министерството за животна средина и просторно планирање и на операторите, компаниите, кои имаат вакви дозволи, без кои не ни можат да работат. Во последно време, преку граѓанските иницијативи (како „Стоп за Усје“), во фокусот на јавноста е прашањето за контролата на големите индустриски капацитети. За подобро разбирање на процесите, подолу се одговорите на клучните прашања поврзани со А-интегрираните еколошки дозволи.
Разликата меѓу А-интегрирана и Б-интегрирана дозвола?
Разликата меѓу овие две дозволи е во големината и капацитетот на операторите, како и во надлежноста за нивно издавање.
А-ИЕД се издаваат за големи индустриски капацитети (на пр. цементарници, челичарници, големи енергетски објекти). Ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Досега се спроведени 263 постапки, од кои 140 се со актуелна важност (40 во Скопје).
Б-ИЕД се издаваат за помали капацитети и се во надлежност на општините. Досега се спроведени 463 постапки. Општините се должни да достават примерок до МЖСПП заради впишување во единствениот регистар.
Разликата меѓу компаниите кои имаат А-ИЕД или Б-ИЕД е во големината на капацитетот на операторите.
Без овие дозволи компаниите не можат да работат. Дозволите се исклучително темелни документи (некои имаат и по стотина страници) во кои прецизно се утврдени обврските на операторот и кои се должни да ги почитуваат доколку сакаат да работат.
Колку долго важи А-ИЕД и кога може да се измени?
А-ИЕД се издава на рок од 7 години. Дали ќе биде продолжена зависи од тоа дали состојбата на терен се совпаѓа со условите во дозволата. МЖСПП може да ја измени дозволата по службена должност или по барање на операторот во следниве случаи:
- При промени во најдобрите достапни техники (BAT) кои овозможуваат намалување на емисиите без прекумерни трошоци.
- Кога безбедноста на инсталацијата бара нова технологија.
- Ако загадувањето се зголемило до мера што ги загрозува животот и здравјето на луѓето.
- При промена на законските прописи за заштита на животната средина.
Може ли да се одземе А-интегрирана дозвола?
Да, доколку операторот не ги почитува строгите услови во дозволата. Доколку дозволата биде одземена, постапката за повторно добивање започнува од нула. Познат случај во Македонија е одземањето на дозволата на „Југохром“ од Јегуновце, по што фабриката престана со работа.
Во случајот со „Титан Усје“, компанијата редовно доставува извештаи од лабораториски анализи согласно фреквенцијата утврдена во дозволата. Досегашните извештаи покажуваат дека нема отстапувања од граничните вредности.

Кој ги определува граничните вредности на емисиите?
Граничните вредности се утврдуваат врз основа на европските регулативи. Клучната институција е Европското биро за интегрално спречување и контрола на загадувањето (European IPPC Bureau) со седиште во Севилја.
Ова Биро ги утврдува вредностите по групи: енергија, минерали, метали, хемија, управување со отпад и категоријата „друго“. Овие вредности се транспонирани во нашето законодавство преку соодветни Правилници.
Како се врши мерењето и кој ја контролира опремата?
Мерењата ги вршат или сопствени акредитирани служби на компаниите или надворешни акредитирани лаборатории.
Инструментите и методите мора да бидат во согласност со точно дефинирани стандарди пропишани во Правилникот за мерење на емисии од стационарни извори.
Државниот инспекторат за животна средина врши надзор над работата на компаниите и веродостојноста на мерењата преку редовни, најавени, контролни или ад-хок инспекции.
Колку индустријата придонесува за загадувањето во Скопје?
Инаку, кога станува збор за контролите, Инспекторатот за заштита на животната средина при МЖСПП во 2025 година има донесено одлуки за глоби во висина од 600.000 евра.
За да биде сликата поцелосна, според истражувањата за градот Скопје (од 2016 година, кои сѐ уште се сметаат за релевантен индикатор за изворите на загадување), индустријата не е најголемиот загадувач.
Според ова истражување, изворите на PM честички се поделени на следниов начин:
- Индивидуално затоплување (домаќинства и јавни објекти) – 32%
- Сообраќај – 20%
- Прашина (од градежништво и неисчистени улици) – 19%
- Индустрија – 18%
