Ќе поскапат ли онлајн нарачките: Владата укинува ослободување од ДДВ до 22 евра

Владината одлука за укинување на ослободувањето од ДДВ за онлајн нарачки до 22 евра предизвика бројни реакции во јавноста. Со измените на Законот за данок на додадена вредност, секоја нарачка од странство ќе биде со 18% ДДВ, што ќе значи директно поскапување на интернет купувањата.

Од Министерството за финансии уверуваат дека оваа мерка ќе има позитивен ефект врз домашната економија. Според нив, со пренасочување на околу 4 милиони денари месечно — колку што, во одредени периоди, изнесува прометот кон странските онлајн платформи — ќе се поддржи локалното стопанство, ќе се создадат нови работни места и ќе се зголемат платите. Дополнително, очекуваат да се намалат злоупотребите поврзани со увозот на стоки ослободени од данок, кои подоцна се препродаваат на домашниот пазар.

Но, од Асоцијацијата за е-трговија предупредуваат дека ваквото решение би можело да создаде сериозни административни потешкотии за купувачите. Претседателката Нина Ангеловска Станков истакнува дека системот кај нас не е подготвен за ваков модел, каков што постои во Европската унија.

„Во ЕУ постои т.н. ‘One stop shop’ систем каде што данокот го наплатува продавачот, а купувачот нема административен товар. Кај нас, без таква платформа, тоа ќе значи дополнителни процедури и трошоци за граѓаните, што може да ги одврати од онлајн купување,“ вели Ангеловска.

Според официјалните податоци на Народната банка, во првата половина од 2025 година вредноста на онлајн трансакциите достигнала 456 милиони евра — раст од речиси 35% во споредба со лани. Даночните експерти предупредуваат дека новите давачки би можеле да го забават овој тренд и повторно да ги насочат граѓаните кон традиционални или неформални начини на купување.

Предлог-законот, кој се очекува да се разгледува по локалните избори, предвидува дека за сите нарачки од странство — без оглед на вредноста — ќе се плаќа ДДВ. Во моментот, пратките до 22 евра се ослободени од дополнителни давачки, а за оние над 45 евра се пресметуваат и царина и ДДВ.

Со овие измени, интернет купувањата во земјава добиваат нова цена — а прашањето останува дали потрошувачите ќе бидат подготвени да ја платат.

Зачлени се на нашиот е-билтен