Компанијата „Костал Македонија“ ќе инвестира дополнителни 30 милиони евра во 2026 година, со што ќе бидат отворени 200 нови работни места. Инвестицијата е дел од новиот развоен циклус на германската групација „Kostal Automotive“, која повеќе од девет години успешно работи во Северна Македонија.
Извршниот директор на компанијата, Каи Кникман, најави дека „Костал“ влегува во нова фаза на раст и развој, при што се очекува зголемување на приходите за 60 проценти во споредба со минатата година.
„Во 2026 година започнуваме нов циклус на инвестиции вреден околу 30 милиони евра. Новите вложувања ќе донесат проширување на производното портфолио, раст на приходите за дополнителни 20% и нови работни места,“ изјави Кникман.
Минатата година, „Костал Македонија“ оствари приходи од 149 милиони евра и добивка од 1,8 милиони евра, а во фабриката во Охрид биле вработени 1.092 лица.
Со најавената инвестиција, компанијата ќе го зајакне своето присуство на македонскиот пазар и ќе го зголеми извозниот потенцијал во рамки на глобалниот синџир на „Kostal Group“, кој е специјализиран за автомобилска електроника и интелигентни системи.

