„Лукоил“ започна со продажба на имоти во странство поради санкциите на САД

Руската нафтена компанија „Лукоил“ соопшти дека ќе започне со продажба на своите странски средства, откако САД минатата недела воведоа санкции против неа и против „Роснефт“. Одлуката предизвика загриженост и во регионот, вклучително и во Македонија, каде што „Лукоил“ поседува 40 бензински пумпи и еден нафтен склад.

Во официјалното соопштение од Москва се наведува дека компанијата „веќе разгледува понуди од потенцијални купувачи“, а продажбата ќе се спроведува во согласност со лиценците издадени од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC).

Иако „Лукоил Македонија“ не е директно наведена на американската санкциска листа, експертите предупредуваат дека сите компании во кои „Лукоил“ има над 50% сопственост, автоматски потпаѓаат под ограничувања.

Македонските власти засега смируваат дека нема да има проблеми со снабдувањето со гориво, бидејќи најголемиот дел од нафтените деривати пристигнуваат од Грција. Но, неизвесноста за иднината на компанијата и работните места останува голема.

Ситуацијата во соседна Бугарија е уште посериозна, поради големата рафинерија „Нефтохим“ во Бургас, која е во сопственост на „Лукоил“. Таму централната банка веќе најави анализа на можните последици за банкарскиот систем и енергетскиот сектор.

Како што стојат работите, рускиот гигант влегува во процес на глобално реструктурирање, а исходот може да ја промени енергетската карта на регионот — вклучувајќи ја и Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен