Минималната плата од 397 евра и натаму ја позиционира Македонија на дното во регионот, предупредува Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Според нив, ова ниво на примања не обезбедува ниту минимални услови за живот, а најавеното усогласување од околу 1.600 денари до март 2026 година го оценуваат како недоволно и понижувачко.
ССМ објави споредбена анализа која уште појасно ја покажува разликата меѓу Македонија и соседните земји. Косово од 2026 година ќе има минимална плата од 500 евра, Албанија од јануари достигнува исто ниво, Србија веќе исплаќа 500 евра и планира зголемување на 550 евра, Република Српска предвидува износ од 512 до 743 евра зависно од квалификацијата, Црна Гора има 600 евра за работници со средно образование и 800 евра за високообразован кадар, додека Босна и Херцеговина за 2025 година утврди 511 евра.
Во таков контекст, Македонија останува единствената држава што сериозно заостанува. Од ССМ обвинуваат дека Владата ја одложува суштинската реформа, потпирајќи се на поддршката од дел од работодавачите и од „конструктивни“ синдикати, со што неправдата само се продлабочува.
„Функционерите добија зголемување од 79%, а работниците останаа заглавени на 397 евра. Ова не е живот, туку постојана борба за опстанок,“ реагираат од ССМ.
Дебатата за Буџетот за 2026 година дополнително ја разгори јавноста. Коментарите на граѓаните под објавите на синдикатот се исполнети со револт – од барања за генерален штрајк, до остри критики дека земјата се претвора во „најсиромашната во регионот“.
ССМ потсетува дека во изминатите месеци организираа низа протести и најавува дека притисокот ќе продолжи. Доколку институциите останат глуви за барањата, можен е и генерален штрајк.
„Државата опстојува благодарение на трудот на луѓе кои едвај ги покриваат основните трошоци. Ќе се бориме сè додека не обезбедиме достоинствена минимална плата,“ порачуваат од синдикатот.

