Реалниот раст на бруто-домашниот производ во третиот квартал од 2025 година достигна 3,8%, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференција, повикувајќи се на најновите податоци на Државниот завод за статистика. Со ваквиот резултат, Македонија се искачува на трето место во Европа по економски раст во овој период, зад Ирска и Данска.
Министерката нагласи дека економијата продолжува со забрзано темпо по растот од 2,9% во првиот и 3,5% во вториот квартал. Кварталниот раст од 3,8%, како што истакна, е еден од највисоките во последните години. Во споредба со земјите од регионот,Македонија остварува значително подобри резултати: Србија бележи раст од 2%, Црна Гора и Бугарија по 3,1%, Хрватска 2,3%, а Романија 1,2%. Кумулативниот раст за првите три квартали од годинава изнесува 3,4%.
Клучен двигател на овој позитивен тренд се инвестициите, кои во третото тримесечје се зголемени за дури 30,6%. Според министерката, станува збор за едно од најуспешните тримесечја откако се следи економската активност, што укажува на силна доверба на инвеститорите. Значително учество имаат инвестициите на домашните компании, поттикнати од поволните кредитни линии обезбедени од Владата. Важна улога одигра и фокусот на државата кон реализација на капитални проекти, особено на инфраструктурните зафати како коридорите 8 и 10, како и финансиската поддршка за општините со цел рамномерен регионален развој.
Покрај инвестициите, придонес има и финалната потрошувачка со раст од 1,8%. Видлив е напредокот во повеќе сектори: градежништвото расте за 21%, услугите за 2,9%, информациските и комуникациските дејности за 7,4%, стручните и техничките услуги за 6,1%, трговијата и транспортот за 2,6%. Индустријата бележи пораст од 1,3%, со преработувачката индустрија која расте за 2,5%. Земјоделството, исто така, покажува солиден резултат со раст од 4%.
Димитриеска-Кочоска оцени дека трендот на раст е резултат на стабилна економска политика и засилени инвестиции, кои, како што рече, поставуваат основа за одржливо забрзување на економијата во наредниот период.

