ЦИОС – група, Загреб, денеска со соопштение објави дека „Македонски железници – Транспорт“ и должат на оваа компанија 25 милиони евра за кои гарантира државата Македонија со закон од 2004 година и истакнуваат дека наместо секоја година да тече камата од 2 милиони евра, време е преку дијалог да е постигне договор.
„Македонски железници – Транспорт“ АД Скопје имаат отворен долг кон „Хрватски железници – Карго“, кој е меѓународно признат и за кој Република Македонија има издадено државна гаранција со Закон за гаранција од 2004 година, се наведува во соопштението .
Овој долг произлегува од обврските на „МЖ – Транспорт“ кон „ХЖ – Карго“, регулирани со Договорот со Меѓународната железничка унија (UIC – Union Internationale de Chemin de Fer), склучен во јуни 2004 година. Со овој договор Република Македонија ги презела обврските на „Македонски железници“.
(сл. весник бр. 83 од 24.11.2004, https://www.slvesnik.com.mk/Issues/296B131AE6A23144B0652073DB50494B.pdf)
Во 2010 година, компанијата „ЦИОС – група“ на меѓународен јавен тендер ги откупи сите побарувања на „ХЖ Карго“ кон железничките компании од Западен Балкан (Србија, Црна Гора, Македонија, БиХ и Албанија), во вкупен износ од 44.679.978,18 милиони евра. Како „ЦИОС – група“ успешно постигнавме спогодбено порамнување со сите земји освен со Македонија, каде што останува нејасно зошто институциите со години не одговараат на нашите повици за договор, информираат во соопштение „ЦИОС-група“.
За промената на доверителот „Македонски железници – Транспорт“ се известени официјално од „ХЖ Карго“ и „UIC“ со формални дописи во 2011 година.
Претседателот на Управниот одбор на ЦИОС Група, Рафаел Клеменс Барт, истакнува дека решението е можно:
„Основниот долг, во износ од околу 3,85 милиони евра, до крајот на 2023 година порасна на повеќе од 25 милиони евра со камати. Секоја година се додаваат околу 2 милиони евра нови камати, едноставно затоа што нема порамнување. Веќе 15 години, моите претходници во CIOS Група бараат дијалог и преговори за решавање на спорот, но институциите не покажаа ниту интерес, ниту иницијатива да се спречи ова непотребно зголемување. Сепак, остануваме посветени на пронаоѓање фер, одржливо и задоволително решение за двете страни – преку вонсудско порамнување.“
ЦИОС – група дополнително појаснува дека каматата се пресметува според Кодексот 311 на Меѓународната железничка унија (UIC) – унифициран систем кој применува едномесечна стапка на Еурибор зголемена за 5%, со сложена каматна пресметка. Од 2000 година наваму, се користи Еурибор објавен од Европската централна банка.
Долгот, кој во 2009 година изнесувал нешто помалку од 4 милиони евра главнина, поради долгогодишна неактивност и отсуство на договор од страна на македонските влади од 2007 година до денес, нарасна на над 25 милиони евра.
Секој дополнителен месец носи нов раст на каматата – приближно 2 милиони евра годишно.
ЦИОС – група е подготвена да се стави крај на долгогодишниот спор – во интерес на Македонија и на сите засегнати страни, соопштуваат од компанијата.


