Мерка без логика, ќе се увезат 10.000 странци за вработување, а имаме 90.000 невработени

Ќе се бришат невработени од евиденцијата на Агенцијата за вработување. Ваква мерка најавува Владата за лицата кои формално се водат како без работа, а фактички се активни на пазарот.

Владата најави „чистење“ на списокот од луѓе кои се дел од  сивата економија, со цел официјалната стапка на невработеност за прв пат да се спушти под 10%. Најавата доаѓа по бројните реакции во јавноста за новата квота од 10 илјади работни дозволи за странци, во услови кога на хартија има околу 90 илјади невработени. Сепак, засега останува отворено прашањето како институциите ќе ги идентификуваат оние што работат на црно.

„Тоа е дел од Реформската агенда и усогласување со неа и не е тоа нешто што го правиме еднострано, изјави Мицкоски“, изјави денеска Мицкоски. 

Владата неделава одобри 10 илјади работни дозволи за странци за годинава, а премиерот укажува дека таков податок има секоја година и оти тие дозволи се издаваат за позиции кои се дефицитарни на пазарот на труд откако ќе се направи усогласување со работодавачите.

„Тоа е податок кој се случува секоја година. Не е тоа податок кој не се случува секоја година, имаме, да речеме, работниците кои се дел од проектот во коридорите 8 и 10 д, се дел од овие работни дозволи. Таму има неколку илјади, да речеме. И не се само тие, мислам, има многу такви профили на работници кои на пазарот на труд се барање од стопанските комори и работодавачите. Таа бројка не отстапува ако се спореди со бројките од минатите години“, рече Мицкоски. 

СДСМ, пак, тврди дека квотата е „двојно зголемена во споредба со лани“, и ја става во поширок наратив за претходни чекори кои, според партијата, ја подготвиле почвата за долгорочно доаѓање и задржување странски работници. Дел од извештаите, меѓутоа, наведуваат дека и за 2025 година била утврдена квота од 10.000, а квотите растеле постепено во изминатите години.

Од Левица велат дека увозот на работници е и геополитичка операција.

„Со истата логика, ќе се отвораат вратите за масовен прилив на мигранти од Британија, за што веќе најавија тамошните медиуми. Додека македонските граѓани заминуваат во странство да работат како луѓе од втор ред, Владата на ДПМНЕ се подготвува Македонија да ја претвори во резервоар на евтина работна сила и прифатен центар за туѓи социјални проблеми“, укажуваат од Левица.

Зачлени се на нашиот е-билтен