„Ние сме сериозна Влада. Влада којашто се обидува да ги антиципира предизвиците. Ако навремето коленичивме за ковид-кризата за пет илјади вакцини, ние денеска ги помагаме соседните држави во услови на криза кога се потребни агрегати за генерирање на електрична енергија, кога ќе треба од зоната на воени дејства да пренесеме странски држави, односно државјани на нашите соседи, тоа да го направиме. Еве, нашите ресурси се ставени на располагање на соседните држави и на граѓаните од соседните држави за поевтина цена да полнат гориво“.
Ова го одговори премиерот Мицкоски на прес конференција, а прашањето беше: „Какви се вашите коментари во однос на наодите од опозицијата по однос на темата за мигрантите дека Венко Филипче алудира на тоа дека ќе дојдат економски работници“.
Како одговор на ова прашање тој одбра да не ги коментира изјавите коишто доаѓаат од СДСМ, бидејќи биле стихијни, дифузни и немаат никакво значење.
Сепак, премиерот не додржа да не коментира, па рече дека изјавите на СДСМ „имаат единствено значење, а тоа е преку креирање на лажна перцепција и растурање на пердуви да се обидат да нанесат штета на работата на Владата, бидејќи нивните изјави никогаш не се конструктивни.
„Најчесто се полни со лага, конструкција и тоа во јавните односи, се вика, како да нанесете штета на Владата којашто се бори во услови на криза и предизвици“, коментираше Мицкоски.
Тој рече дека тоа било лажна, погрешна стратегија и го повика Наполеон како за пријател.
„Но, ќе се повикам на онаа позната Наполеонова изрека којашто вели дека ‘можеби не треба да му се помага на противникот кога греши’“, рече Мицкоски и додаде дека останува да се фокусира на она што претставува вистинска потреба на граѓаните, приоритет на граѓаните и на државата и потоа ги покани нашите соседи да дојдат и да си точат бензин.