Мицкоски најави два нови гасоводи до 2028 година

Македонија треба да добие два нови гасоводни интерконектора, со Грција и Србија, од кои првиот се очекува да биде пуштен во употреба до средината на 2027 година, а вториот до крајот на 2028 година. Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека со нивната изградба значително ќе се зајакне геостратешката позиција на земјата и ќе се отворат можности за нови инвестиции во енергетскиот сектор.

Одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на ново основно училиште во Ченто, Мицкоски изјави дека изградбата на двата интерконектора е во тек и дека нивното завршување ќе овозможи подобра енергетска поврзаност со регионот.

„Во овој момент како никогаш досега се градат два гасоводни интерконектори, едниот со нашиот јужен сосед, другиот со нашиот северен сосед. Едниот очекувам да биде синхронизиран и пуштен во употреба до крајот на првата половина од следната година, а другиот до крајот на 2028 година“, изјави Мицкоски.

Според премиерот, новата гасоводна инфраструктура ќе овозможи поголема достапност на природен гас и ќе создаде услови за инвеститорите заинтересирани за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од гас.

Тој посочи дека проектите се значајни и за планираната модернизација на постојните термоелектрани, кои во моментов користат јаглен како погонско гориво.

„Овие два гасовода ќе значат можност за инвеститори кои би сакале да инвестираат во производствени капацитети на електрична енергија кои го користат гасот како погонско гориво“, рече Мицкоски.

Премиерот објасни дека при реконструкцијата на термоелектраните би можело да се разгледа нивна конверзија од јаглен на природен гас, со што, според него, би се зачувале работните места и би се продолжило производството на електрична енергија.

Во таа насока, Мицкоски информира дека АД ЕСМ веќе води разговори со Светската банка и дека наскоро очекува позитивни информации за понатамошниот развој на проектот.

Гасоводот со Грција треба да овозможи пристап до дополнителни извори на природен гас преку јужниот енергетски коридор, додека интерконекторот со Србија ќе ја зајакне регионалната поврзаност и можноста за транзит на гас.

Според најавите на Владата, двата проекти треба да придонесат за диверзификација на снабдувањето со енергенси и намалување на зависноста од еден правец на испорака.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?