Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата сѐ уште нема подготвено антикризни мерки за растечките трошоци на животот, бидејќи се чека да заврши анализата за причините на базичната инфлација. „Во моментов немаме мерки, анализата се изработува со стручни лица и е во завршна фаза. Веднаш штом ја имаме, ќе излеземе со конкретни чекори“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има нов пакет за ублажување на поскапувањата.
Изјавата доаѓа само неколку дена по коментарот на министерот за економија Бесар Дурмиши дека „нема да има нови мерки“. За Мицкоски тоа било „недоразбирање“: Владата, тврди тој, работи на анализа во која се вклучени професори и економисти. „Имаме први индикатори за причините, но сакаме да ги почекаме и резултатите за јулската инфлација, која и во дел од ЕУ се искачи над пет проценти“, појасни премиерот.
Во план е и седница на Економско‑социјалниот совет со репрезентативните синдикати, каде ќе се разгледаат можните интервенции. „Сите сме на иста страна и сакаме повисок стандард“, порача Мицкоски.
Иако конкретен временски рок не беше наведен, премиерот на новинарско инсистирање потврди дека „краток одмор“ е веќе планиран, по што ќе следи финализација на мерките. За граѓаните преостанува да почекаат: прво одмор, па план против скапотијата.