Министерството за финансии донесе одлука за времен прекин на исплатите од ИПАРД-програмата, поради актуелните случувања во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), каде што минатата недела беа уапсени директорот на институцијата и уште четири лица под сомнение за примање и давање мито.
Според соопштението на Министерството, Европската комисија (ЕК) била веднаш информирана за оваа одлука, а од Брисел повратно ја поздравиле мерката, оценувајќи дека е правилен чекор за заштита на европските средства и довербата во системот.
„Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“,
се наведува во соопштението од Министерството за финансии.
Од Министерството додаваат дека националните институции за управување со ИПА/ИПАРД инструментот веќе преземаат дополнителни мерки за контрола и транспарентност. Потсетуваат дека Северна Македонија од 2009 година има добиено право за децентрализирано управување со европските фондови, што ја обврзува државата на строга контрола на секоја исплата.
Во изјава за ТВ Телма, од Делегацијата на Европската Унија во Скопје потврдија дека ја поздравуваат одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД-3, сè додека не се расчистат околностите од случајот.
„Со оглед на тоа што во моментов трае истрага, не можеме да дадеме дополнителни коментари. Очекуваме институциите од Северна Македонија да постапуваат со целосна сериозност. Европската Унија останува посветена на поддршката за земјоделците и руралниот развој, под услов средствата да се користат соодветно“,
порачаа од Делегацијата на ЕУ.
Додека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја води истрагата, во јавноста се појавија различни толкувања за тоа дали исплатите од ИПАРД се навистина замрзнати.
Поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник Љупчо Николовски изјави дека во петокот попладне националниот координатор за авторизација формално донел и доставил одлука за суспензија на плаќањата во рамките на ИПАРД-3 програмата.
„Станува збор за официјална постапка на суспендирање на сите плаќања, согласно механизмот за заштита на европските средства,“ нагласи Николовски.
Со ваквата одлука, исплатите од ИПАРД-3 програмата ќе останат стопирани сè додека не заврши истрагата и не се воспостави целосна контрола и доверба во институциите задолжени за распределба на европските фондови.

