Над 38.000 жени земјоделки во Македонија, многу од нив без основни работнички права

Над 38.000 жени во Македонија се регистрирани како земјоделки, но голем дел од нив се соочуваат со ограничен пристап до породилно отсуство, здравствено осигурување, финансиска сигурност и социјална заштита. Нивниот труд има значајна улога во земјоделското производство, но често останува недоволно признаен и вреднуван, беше посочено на панел-дискусијата „Жетва без нејзино име: Руралните жени и невидливиот труд“, одржана во Јуроп хаус Струмица.

Настанот се одржа на 16 октомври, во рамките на кампањата „Носи ја промената“, иницирана од Делегацијата на Европската Унија и амбасадите на земјите членки на ЕУ, обединети во иницијативата „Тим Европа“.

Во фокусот на дискусијата беа економската положба на жените во руралните средини, нееднаквиот пристап до земјиште и имот, како и институционалните и општествените пречки што го ограничуваат остварувањето на нивните права.

Особено загрижувачки се податоците за сопственоста на имотот. Според информациите презентирани на настанот, во 2021 година само 4,1 отсто од жените во руралните средини биле евидентирани како сопственички на имот, додека на национално ниво само 12 отсто од жените поседуваат земјиште.

Како една од причините за ваквата состојба беа посочени традиционалните практики при наследувањето. Иако законите гарантираат еднакво наследно право за синовите и ќерките, во многу семејства жените се откажуваат од својот дел во корист на браќата.

Ваквата практика, според учесничките, е поврзана со долгогодишни општествени норми и очекувања дека жената по стапувањето во брак станува дел од друго семејство.

Покрај ограничениот пристап до земјиште, жените во руралните средини често извршуваат и значителен дел од неплатената домашна работа. Истовремено учествуваат во производството на храна, грижата за земјоделските стопанства и одржувањето на семејните домаќинства, без нивниот придонес секогаш да биде формално признаен.

На панелот учествуваа Вероника Јоана Чолка, заменик-шефица на мисијата на Амбасадата на Романија, Лејла Рајкова, застапничка за правата на руралните жени и локалното земјоделство, и Лилјана Јоновски, вонредна професорка на Факултетот во Кичево и експертка за вклучување на жените во јавниот живот.

Разговорот го модерираше Андреа Угриноска од организацијата „Тиииит! Инк.“ од Скопје.

Учесничките разговараа за примената на постојните закони, достапноста на механизмите за поддршка и можностите за поголема економска независност на жените земјоделки.

Беше претставено и искуството на Романија, како земја со значително учество на работната сила во земјоделството, како и улогата на Европската Унија во унапредувањето на родовата еднаквост во руралните средини.

На дискусијата беше нагласено дека законската еднаквост не е доволна доколку не е проследена со реален пристап до имот, финансиски средства, здравствено осигурување и социјална сигурност.

Според учесничките, потребни се поефикасни институционални механизми и промени во општествените практики за жените што работат во земјоделството да имаат еднакви можности за економска независност и развој.

Кампањата „Носи ја промената“ продолжува со активности во повеќе градови низ Македонија, со цел отворање јавни разговори за правата на жените и надминување на нееднаквостите во различни области од општествениот живот.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?