Цените на нафтата бележат најостар годишен пад во последните пет години, откако загриженоста за прекумерната понуда и слабата глобална побарувачка продолжува да врши притисок врз пазарите.
Иако минатата недела цените останаа речиси непроменети, од почетокот на годинава нафтата поевтини за околу 20 проценти, што е најголем пад од кризата во 2020 година.
На лондонскиот пазар, цената на барелот минатата недела порасна симболично за 0,2 отсто и изнесуваше 60,64 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 0,1 отсто, на 56,74 долари.
Во скратената работна недела поради божиќните празници немаше значајни ценовни осцилации, бидејќи проценките за односот меѓу понудата и побарувачката останаа непроменети.
Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), во 2026 година понудата на нафта би можела да ја надмине побарувачката за речиси четири милиони барели дневно, што дополнително ги притиска цените.
Истовремено, ОПЕК и нејзините партнери го зголемија производството, но растот на најголемите светски економии е послаб од очекувањата на картелот, што ја намалува побарувачката.
Во изминатиот период, геополитичките тензии – како американската блокада на снабдувањето со нафта од Венецуела – краткорочно обезбедија поддршка за цените.
„Геополитичката премија привремено ги стабилизира цените, но долгорочниот притисок доаѓа од прекумерната понуда“, оценуваат аналитичарите од Aegis Hedging.
Дополнителен фактор е и можноста за постигнување договор за прекин на војната меѓу Русија и Украина, што би овозможило враќање на руската нафта на светските пазари.
Поради сите овие причини, од почетокот на годината цената на барелот на лондонскиот пазар падна за околу 19 проценти, а на американскиот пазар за околу 21 процент.
Доколку ваквиот тренд продолжи до крајот на годината, 2025 ќе биде запаметена како година со најголем пад на цената на „црното злато“ од 2020 наваму.