Dow Jones порасна за 0,25 % на 45.514 поени, S&P 500 се зголеми за 0,21 % на 6.495 поени, додека Nasdaq скокна за 0,45 % и достигна 21.798 поени – историски максимум.
Broadcom ја „турна“ берзата нагоре
Најголем двигател на растот беше технолошкиот сектор, особено акцијата на Broadcom, чија цена скокна за над 3 % откако компанијата најави експлозивен раст на приходите благодарение на вештачката интелигенција. Со тоа, пазарната вредност на Broadcom достигна 1.600 милијарди долари, што ја прави седма по големина компанија на Волстрит.
Сите чекаат потег од ФЕД
Инвеститорите со нетрпение ја очекуваат средбата на Федералните резерви во септември, со надеж за намалување на каматните стапки за најмалку 0,25 процентни поени. Некои аналитичари дури предвидуваат и подрастично кратење од 0,50 поени, поради слабите податоци од пазарот на труд.
„Пазарот е алчен. Веќе е вградено очекување за 0,25 поени. Сега дел од инвеститорите купуваат мислејќи дека ќе има 0,50, но тоа нема да се случи“, изјави Џејк Долархид од Longbow Asset Management.
Европа не заостанува
И европските берзи вчера беа во зелено, и покрај политичката нестабилност во Франција. Лондонскиот FTSE порасна за 0,14 %, франкфуртскиот DAX за 0,89 %, а парискиот CAC за 0,78 %.