Нов анекс, нови милиони: Автопатот Кичево-Охрид повторно ја бранува јавноста

автопатот

Автопатот Кичево–Охрид повторно ја отвори најчувствителната тема во јавните финансии – контролата врз капиталните инвестиции. Со усвојувањето на осмиот анекс во Собрание на Република Северна Македонија, вкупната цена на проектот се искачува на над 750 милиони евра (според јавно достапни податоци и претходни владини соопштенија), што е речиси двојно повеќе од иницијалната вредност договорена пред повеќе од една деценија.

Што се менува со новиот анекс?

Се менува цената на автопатот. Според министерот за транспорт и врски Александар Николоски, потребни се дополнителни средства од околу 180–190 милиони евра, и се менува новиот рок за завршување, овој пат 2027 година

Се ревидираат и понатаму проектните позиции поврзани со косини, свлечишта, а и експропријацијата останува незаврѓено прашање.

Од Владата образложуваат дека измените се резултат на „наследени проектни слабости“, недоволни геолошки истражувања и дополнителни безбедносни стандарди. Според Министерството за транспорт, без новите средства делницата не може да биде целосно функционална и безбедна.

Опозицијата, пак, обвинува за системска негрижа и недоволен надзор. Дел од пратениците побараа ревизорски извештај и појаснување за тоа колку од трошоците се резултат на лошо првично проектирање, а колку на реални теренски проблеми.

Поширок економски контекст

Капиталните расходи во буџетот со години имаат низок степен на реализација (често под 70–80%), но истовремено ваквите мегапроекти го зголемуваат јавниот долг. Според последните официјални податоци, јавниот долг се движи околу 60% од БДП, што ја прави секоја нова задолженост политички чувствителна.

Економистите предупредуваат дека инфраструктурата носи долгорочни придобивки – поврзување на туристичкиот регион Охрид со западниот дел на земјата и со Албанија – но прашањето е дали цената е во сооднос со очекуваните економски ефекти.

Клучната дилема што останува во јавноста: дали ова е последниот анекс – или проектот ќе продолжи да ја „јаде“ фискалната рамка и во наредните години?

Зачлени се на нашиот е-билтен