Следната недела во Вашингтон ќе се одржи пролетното заседание на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, каде главна тема ќе бидат економските последици од војната на Блискиот Исток – особено растот на инфлацијата и притисоците врз цените на енергенсите.
Министрите за финансии и гувернерите на централните банки ќе дискутираат како новата геополитичка криза влијае врз глобалните економски текови. Според најавите, фокусот ќе биде ставен на забрзаното поскапување и ризиците од нов инфлаторен бран, кој веќе се чувствува на светските пазари.
Актуелниот конфликт се оценува како трет голем економски шок во последните години, по пандемијата со COVID-19 и војната во Украина. Овој нов удар дополнително ја зголемува неизвесноста и ги засилува инфлаторните притисоци, особено преку растот на цените на нафтата и гасот.
Од Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка веќе сигнализираа дека ќе ги ревидираат надолу прогнозите за економски раст, но и нагоре очекувањата за инфлацијата. Новите проценки покажуваат дека глобалната инфлација во 2026 година би можела да достигне 4,9 проценти, наместо претходно проектираните 3 проценти. Во понеповолен сценарио, таа може да се искачи и до 6,7 проценти.
Во исто време, прогнозите за економски раст се намалуваат. Наместо очекуваните 4 проценти, сега се предвидува раст од околу 3,65 проценти, со ризик да падне и на 2,6 проценти доколку конфликтот продолжи.
Најголем удар од инфлациските движења се очекува да претрпат економиите во развој, кои се особено чувствителни на ценовните шокови кај енергенсите и на прекините во синџирите на снабдување. Зголемените трошоци за увоз на енергија директно се прелеваат во повисоки цени за граѓаните и компаниите.
Експертите предупредуваат дека комбинацијата од геополитички ризици, скапи енергенси и нестабилни пазари може да значи подолг период на покачена инфлација. Тоа ја става монетарната политика пред нов предизвик – како да се контролира растот на цените без дополнително да се успори економската активност.
Заклучокот што се наметнува е јасен: војната не влијае само на безбедноста, туку директно ја погодува и цената на животот – а инфлацијата повторно станува клучниот глобален економски проблем.