Њујорк тајмс: Што претставува нафтената индустрија на Венецуела што Трамп планира да ја оживее?

нафтена

Нафтената индустрија на Венецуела би можела да биде „голема заработка“ ако САД застанат зад неа, изјави американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференцијата на која го потврди апсењето на претседателот на земјата, Николас Мадуро, кој се соочува со федерални обвиненија за трговија со дрога и оружје. Трамп нагласи дека големите американски нафтени компании ќе инвестираат милијарди долари за поправка на лошо оштетената инфраструктура и ќе почнат да генерираат приходи за земјата, опишувајќи го секторот како „тотален неуспех“ со години и истакнувајќи дека производството е далеку под потенцијалот.

Се чини дека претседателот многу смета на интервенцијата на САД во нафтената индустрија како алатка за трансформација на Венецуела, идеја што би можела да се покаже како комплексна и скапа, пишува Њујорк Тајмс.

Венецуела тврди дека има повеќе од 300 милијарди барели резерви на нафта, најголеми во светот. Сепак, земјата се бори да достигне производство од околу еден милион барели дневно, или околу 1 процент од глобалното производство.

Има одредено закрепнување во последните години, но производството останува далеку под повеќе од два милиони барели дневно што земјата ги произведуваше на почетокот на 2010-тите.

Државната компанија PDVSA нема капитал и експертиза за зголемување на производството. Нафтените полиња се запоставени и страдаат од години на недоволно дупчење, застарена инфраструктура, чести прекини на електричната енергија и кражба на опрема, според неодамнешната анализа на истражувачката фирма „Енерџи аспектс“. Санкциите на САД врз венецуелската нафта доведоа до пренасочување на поголемиот дел од испораките кон Кина.

„Шеврон“ е главната западна компанија што сè уште работи во земјата и којашто обрабитува околу една четвртина од нафтата на Венецуела. На почетокот на векот, кога другите компании беа принудени да се иселат, „Шеврон“ остана со надеж дека условите на крајот ќе се подобрат. Околу половина од нејзиното производство се извезува во Соединетите Држави.

На 3 јануари, компанијата соопшти дека презема чекори за да ја осигури безбедноста на своите вработени и операции во Венецуела по апсењето и отстранувањето на Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес, во американска воена операција.

Нафтениот гигант со седиште во Хјустон работи во Венецуела од 1923 година и одржува пет проекти за производство на копно и море. Портпаролот на компанијата, Кевин Слејгл, изјави дека со повеќе од еден век присуство во земјата, „Шеврон“ поддржува мирна и законска транзиција што промовира стабилност и економско закрепнување и е подготвен конструктивно да соработува со владата на САД за зајакнување на енергетската безбедност на САД.

Теоретски, доколку на американските нафтени компании им се даде слобода во Венецуела, тие постепено би можеле да ја вратат индустријата на нозе. Ричард Бронз, раководител на геополитиката во „Енерџи аспектс“, предупреди дека процесот нема да биде лесен.

Аналитичарите проценуваат дека зголемувањето на производството нема да биде евтино. „Енерџи аспектс“ проценува дека додавањето на уште половина милион барели дневно би чинело околу 10 милијарди долари и би траело приближно две години, а поголемо проширување би можело да бара десетици милијарди долари во текот на неколку години.

Зачлени се на нашиот е-билтен