Осумдесетте општини и Градот Скопје во 2024 година склучиле 4.006 договори за јавни набавки во вредност од 11,7 милијарди денари (околу 190 милиони евра), покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации. Само во една година вкупната вредност на локалните тендери пораснала за 16 проценти, односно за околу 26 милиони евра, со најголем скок кај скопските општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.
Градот Скопје без примат: најнизок резултат во последните 7 години
Градот Скопје за првпат го губи водството: со пад од 11,5 милиони евра во 2024 година се спушта на шесто место, со склучени договори вредни околу 7,3 милиони евра. За споредба, во 2023 година вредноста била близу 19 милиони евра; актуелниот резултат е драстично понизок и двојно под нивото од 2018 година. И покрај тоа, скопските општини заедно со Градот Скопје и понатаму генерираат околу 30% од сите локални набавки.
Каде расте најмногу: Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода
Најголемо зголемување на вредноста на јавните набавки има Гази Баба (околу 5,7 милиони евра), потоа Аеродром (5,4 милиони евра) и Кисела Вода (4,9 милиони евра). Следуваат Битола, Ѓорче Петров и Штип (по околу 3 милиони евра), Струмица (2,8), Велес (2,2) и Охрид (2 милиони евра). По околу 1,5 милиони евра раст бележат Кавадарци, Илинден и Арачиново; Крива Паланка и Виница се со зголемување од околу 1 милион евра. Кај 38 општини зголемувањето е под 1 милион евра.
Каде паѓа: Скопје, Центар, Радовиш, Тетово, Карпош
Намалување во однос на 2023 година има кај 29 општини. Најголем апсолутен пад бележи Град Скопје (–11,5 милиони евра), а потоа следуваат Центар (–2,2 милиони), Радовиш (–2 милиони), Тетово (–1,5 милиони) и Карпош (околу –1 милион евра).
Концентрација кај мал број фирми
Општините склучиле договори со 1.210 фирми, но една четвртина од вкупната вредност завршува кај само 10 компании. На врвот е ЕДС (Energy Delivery Solutions) со договори од околу 500 милиони денари (приближно 8 милиони евра). Во повеќе општини една фирма добива половина од сите набавки во 2024 година: Желино, Дојран, Врапчиште, Струмица, Бутел, Крушево, Старо Нагоричане, Зелениково, Липково, Могила, Арачиново, Босилово и Виница. Кај половина од општините, дури една фирма реализира трета од сите спроведени набавки — тренд кој алармира за ниска конкуренција и потреба од поделба на големите тендери на лотови.