Остануваме најсиромашни во регионот: Синдикатот бара 500 евра минималец, Владата вели НЕ

На денешната седница на Економско‑социјалниот совет (ЕСC) синдикатите го вклучија алармот: ако минималната плата не скокне на 500 евра, македонските работници ќе останат најслабо платени во регионот.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, предупреди дека по распишувањето на локалните избори повеќе нема да има законска можност за интервенирање во платите. „Србија веќе изброја 500 евра минималец – ние ризикуваме да останеме под тој праг, а од работниците ќе се бара само да гласаат“, рече тој пред почетокот на седницата.

ССМ инсистира зголемувањето да се спроведе веднаш и пропорционално да пораснат сите останати плати (околу 6.000 денари нагоре). Ако оваа точка не се стави на дневен ред, велат – седницата е „пропадната инвестиција“.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати се согласни дека повисоките плати се нужни, но предупредуваат на ризик: ако скокот ја разгори инфлацијата, добивката ќе ја изеде поскапувањето. „Потребни се точни пресметки, а не популизам“, порача претседателот Благоја Ралповски.

Слично размислува и Организацијата на работодавачи. Нејзината претседателка Владанка Трајкоска потсети дека малите и средни претпријатија тешко ќе издржат нов трошок во време кога еврозоната прогнозира скромен раст од само 1 %, а САД воведуваат нови царини за Европа. „Потребно е внимателно темпирање – да не си создадеме инфлационен бум кој ќе ги поништи сите придобивки“, нагласи таа.

Иако на дневен ред официјално стојат програмата за работа и прегледот на потрошувачките кошнички, синдикатите бараат платите да станат прва точка. Дали владата ќе ги отвори чекмеџето уште денес или ќе чека постизборен период, останува неизвесно. Едно е сигурно: времето за компромис се топи – а со него и трпението на работниците.

Зачлени се на нашиот е-билтен