Македонија во догледно време ќе ја усогласи регулативата со Европската унија и во делот на царинењето на пратките кои пристигнуваат преку онлајн платформите како „Тему“ и други провајдери на евтини производи од Кина. Во ЕУ веќе е во тек постапка за воведување царини за овој тип увоз посредством е-трговија, што значи дека ваквата мерка ќе биде применета и кај нас.
Според надлежните, граѓаните нема да почувствуваат промена при купувањето на овие производи, ниту по новото оданочување со ДДВ, затоа што цените што ги гледаат на платформите веќе го содржат вклучениот данок. Законските измени за ДДВ веќе ја поминаа собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Одговорните објаснуваат дека за пратките над 22 евра постојните обврски и досега се регулирале преку шпедиторските компании, па така крајната цена за купувачите не се менува. „Тему“ не прави разлика меѓу нарачки под или над 22 евра – данокот е пресметан во моментот на купување, а дополнителните постапки во државата се во надлежност на шпедитерите и Царинската управа.
Целта на новите регулативи е, пред сè, заштита на домашните компании кои увезуваат стока и редовно плаќаат ДДВ, царина и имаат трошоци за вработени. Истовремено, државата ќе ги следи одлуките на Европската унија, која овој сегмент на е-трговијата го регулира и во делот на ДДВ и во делот на идните царински мерки.
За граѓаните кои купуваат преку „Тему“ или други меѓународни онлајн платформи, според најавите, не се очекуваат никакви промени во крајната цена на производите.
Извор: Nezavisen

