Погреб на земјоделството во Македонија

земјоделството

Во најголемиот земјоделски регион во државата, интересот за земјоделство меѓу младите константно опаѓа. Додека Пелагонија располага со десетици илјади хектари плодна земја и има клучна улога во производството на храна, бројот на ученици во средното земјоделско училиште во Битола низ годините драматично се намалува, а бизнис-секторот сѐ погласно предупредува на недостиг од квалификуван кадар. Дополнителна загриженост предизвика и новиот конкурс за упис во средните училишта за следната учебна година, во кој повеќе не се предвидува запишување ученици во земјоделското училиште во Битола, додека земјоделската насока се префрла во битолската гимназија „Таки Даскало“. Овој јаз меѓу потенцијалот и реалноста отвора сериозни прашања за иднината на земјоделството во Пелагонискиот Регион.

Авторки: Александра Кочовска Ристевски* и Емилија Мисирлиевски**

Во средното општинско земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола, оваа учебна година беа запишани само десет ученици, додека пред две децении нивниот број изнесуваше повеќе од 70. Овој пад од повеќе од 80 проценти го отвора прашањето дали Пелагонискиот Регион, кој располага со огромни земјоделски потенцијали, ќе има кадар што ќе го развива секторот во иднина.

Стефан Д. (15) од Битола е еден од десетте ученици што оваа година седнаа во клупите на СОЗУ „Кузман Шапкарев“. Иако не потекнува од земјоделско семејство, тој вели дека интересот за земјоделието кај него се развил уште од детството, кога со баба му и дедо му поминувал време во лозјето.

„Многу често како мал ме носеа со нив и тоа ми беше интересно. Подоцна почнав да садам и да одгледувам цвеќиња, па така се разви мојата љубов кон земјоделието и одлучив да се запишам во средното земјоделско училиште“, вели тој.

Учениците во прва година во СОЗУ „Кузман Шапкарев“ / Фото: Е.М.

Сега е средношколец во прва година во земјоделското училиште „Кузман Шапкарев“ и, како што посочува, засега е задоволен, но сѐ уште не размислувал што понатаму.

Сепак, Стефан и неговите девет соученици се исклучоци во овој парадокс што се случува во најголемата житница во Македонија.

Од полни паралелки до празни клупи

„Недостигот од образовани млади земјоделци може директно да влијае врз продуктивноста и развојот на агросекторот“, предупредува директорот на СОЗУ „Кузман Шапкарев“, Златко Крстевски. Тој вели дека училиштето со години се соочува со значителен пад на бројот на ученици.

„Во најдобрите години формиравме по пет паралелки и имавме повеќе ученици во споредба со економското училиште во Битола“, вели Крстевски.

Златко Крстевски, директор на СОЗУ „Кузман Шапкарев“ / Фото: Е.М.

Денес, таа слика е значително поинаква. Во последната деценија се бележи драматичен пад на бројот на запишани ученици. Овој тренд, иако присутен и во други училишта, во земјоделското образование е поизразен и поалармантен.

Според директорот, причини има многу. Дел од нив се во перцепцијата што се гради кај младите и кај нивните родители, дека земјоделството значи тежок физички труд и валкана работа, професија што не нуди сигурност.

„Постои менталитет дека во земјоделското училиште, учениците се изложени на тешка физичка работа. Тоа директно влијае врз интересот“, објаснува тој.

Но, истовремено со оваа перцепција, се случуваат и пошироки општествени промени. Иселувањето на младите, намалениот наталитет и проширувањето на понудата во другите стручни училишта (медицинското, техничкото, економското), значително го намалуваат бројот на потенцијални ученици. Отворањето на земјоделска насока во Прилеп пред десетина години, според Крстевски, дополнително ја намали атрактивноста на битолското земјоделско училиште. Она што особено загрижува е новиот тренд што се појавува во последните години кај самите земјоделски семејства. Наместо децата да ја продолжат традицијата, тие сѐ почесто се насочуваат кон други професии.

„Тие размислуваат поинаку, сакаат децата да имаат сигурна работа, а земјоделството да остане како дополнителна дејност. Со овој пристап регионот останува без нови генерации образовани млади луѓе, кои ќе го разбираат современото земјоделство, а секторот може постепено да ја губи својата продуктивност и развоен потенцијал“, вели директорот Крстевски.

Падот на интересот низ статистички податоци

Падот на интересот за земјоделското образование во Битола може јасно да се прочита низ бројките од Државниот завод за статистика.

Во учебната 2006/2007 година во СОЗУ „Кузман Шапкарев“ се запишале 71 ученик на земјоделската насока, а бројката е речиси иста и следната година – 70 новозапишани.

СОЗУ „Кузман Шапкарев“ во Битола / Фото: Е.М.

До 2010/2011 година бројот се намалува на 60 ученици, што на прв поглед не изгледа драматично, но трендот продолжува. Само неколку години подоцна, во 2014/2015 година, бројката веќе се преполовува и паѓа на 25 ученици.

Најсилниот удар доаѓа во учебната 2015/2016 година, кога се запишуваат 16 ученици, а следната година шест. Во наредните години бројките остануваат на ниско ниво. Во 2017/ 2018 и 2018/2019 се запишуваат 12 ученици, во 2019/2020 – девет, а во 2020/2021 само осум. Во последниот период, бројот се движи меѓу осум и четиринаесет ученици годишно, повеќекратно помалку во споредба со времето кога училниците биле полни.

Големи разлики меѓу регионите

Сепак, оваа приказна не е иста насекаде. Споредбата со другите градови покажува дека интересот за земјоделските струки значително варира низ државата. Додека во Битола започнува падот, во други региони бројките остануваат високи.

Во учебната 2010/2011 година, на пример, во Струмица се запишале 122 ученици, а во Свети Николе дури 134. Во исто време, во Прилеп за првпат се отвора земјоделска насока и привлекува 81 ученик. Во истиот период, Битола има 60 ученици.

Фото: СОЗУ „Кузман Шапкарев“ / Фејсбук

Само неколку години подоцна, разликите стануваат уште поизразени.

Во 2013/2014 година Струмица достигнува 143 ученици, Прилеп има 76, додека Битола паѓа на 50. До 2015/2016 година јазот станува драматичен, во Битола се запишуваат само 11 ученици, додека во Струмица бројката е 96, а во Прилеп 57.

Овие податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека интересот за земјоделските струки опаѓа во повеќе региони, но падот во Битола е далеку поизразен и побрз, што отвора дополнителни прашања за локалните причини зад овој тренд.

Намалување на производството во Пелагонија

Исто така, статистичките податоци покажуваат дека производството на житни култури во регионот не е стабилно и во одредени периоди бележи значителни падови.

Според податоците на Државниот завод за статистика, производството на житни, индустриски и градинарски култури во Пелагонискиот Регион во последните дваесет години се движи со значителни осцилации.

На пример, во 2005 година производството изнесува околу 118 илјади тони, додека во 2010 година паѓа на околу 62 илјади тони. Неколку години подоцна повторно се забележува раст – во 2016 година производството достигнува околу 120 илјади тони, по што повторно следуваат падови.

Во последните години производството повторно се намалува. Според статистичките податоци, во 2023 година се произведени околу 61 илјада тони, што е речиси двојно помалку во споредба со највисоките вредности во изминатите две децении.

Помалку кадар – помалку продуктивност

Пелагонија е еден од најважните земјоделски региони во државата. Според аграрните експерти, регионот располага со 70.000 до 80.000 хектари плодна обработлива почва, погодна за производство на житни и индустриски култури. Иако врз земјоделското производство влијаат повеќе фактори, какви што се климатските услови, цените на пазарот и инвестициите, експертите предупредуваат дека намалувањето на интересот за земјоделското образование и недостигот од стручен кадар може директно да влијае врз продуктивноста на секторот.

„Без млади агро-менаџери што можат да калкулираат трошоци, да следат пазарни трендови и да го оптимизираат производството, многу фарми остануваат на ниво на преживување, наместо да го искористат целосниот потенцијал. Ова значи пад на продуктивноста, неискористени капацитети на Пелагонија и директни економски загуби за Битола и околината. Стручното образование е клучно за ефикасноста на модерното земјоделство. Младите со соодветна подготовка знаат како правилно да користат препарати, да го заштитат и да го одржат квалитетот на почвата и да извлечат максимум принос со минимум ресурси. Исто така, тие многу полесно аплицираат за европски фондови и програми како ИПАРД и мерките за млади земјоделци, бидејќи се запознаени со процедурите, знаат како да подготват деловни планови и да добијат грантови, што е клучно за модернизација и развој на фармите“, објаснуваат аграрните експерти од „Агробиро“ Битола.

Според нив, со примена на современи агрономски практики продуктивноста на фармите може да се зголеми за 30 до 40 проценти

„Младите што ќе се вклучат со современо образование не само што ќе ја зголемат продуктивноста и ефикасноста, туку ќе го менуваат и имиџот на земјоделството од тежок физички труд до модерна и иновативна професија“, сметаат експертите.

Стигма кон земјоделството 

Организацијата на жени од Битола започна со теренски активности во рамките на проектот „Од ученик до успешна приказна во земјоделието“, чија цел е да го промовира земјоделското образование меѓу деветтоодделенците.

„Впечатокот е дека постои голема стигма кон земјоделството генерално. На нашето прашање кој потекнува од земјоделско семејство, немаше ниту еден позитивен одговор. Никој не се јави ниту на прашањето дали некој во нивното семејство, родители, баби, дедовци, има градина, одгледува јагоди, домати, пиперки или други производи. Немаше потврден одговор ниту на прашањето дали некој би се запишал во земјоделско училиште. Откако им презентиравме видеоматеријал како изгледа едно современо земјоделско стопанство, веќе имаше промена во начинот на размислување“, вели претседателката на Организацијата на жени од Битола, Светлана Петковска.

Таа посочува дека состојбата е уште поразочарувачка во руралните средини. Според неа, потребна е континуирана работа на терен за да се промени оваа перцепција.

„Во едно основно училиште во битолско село, при нашата посета, од 17 ученици ниедно не кажа дека ќе избере земјоделска струка, иако сите посочија дека нивните семејства обработуваат земја и се занимаваат со земјоделство. Потребни се кампањи. Не е доволно само еден ден во годината училиштата да ги промовираат своите насоки“, нагласува Петковска.

Ова покажува дека предизвик се и менталитетот и стереотипите на младите и на нивните родители, кои значително влијаат врз изборот на струка.
Организацијата на жени ги посетуваше основните училишта со цел да се промовира земјоделското образование / Фото: Организација на жени – Битола

Неопходна е стратегија од државата за млади земјоделци

Борче Георгиевски (35) од селото Добромири секојдневно ја обработува земјата во срцето на Пелагонија. Тој има околу три хектари земјиште, дел свое, дел под наем, на кое одгледува тутун, пченка и житарки. Вели дека земјоделието бара знаење, труд и постојано усовршување, а младите без образование во оваа област го минуваат потешкиот пат.

„Земјоделието не е едноставна работа, тоа е за луѓе што сакаат да учат и да се надградуваат. Многу е важно младите да имаат земјоделско образование, затоа што така стекнуваат предност – ги познаваат културите, почвата, агротехничките мерки и квалитетот на ѓубривата. Тоа знаење е основа ако сакаат сериозно да се занимаваат со оваа работа, во спротивно ќе одат по потешкиот пат“, вели Борче.

Борче Георгиевски, земјоделец од Добромири / Фото: А.К.Р.

Но, покрај знаењето, клучна улога играат квалитетот на земјата, механизацијата и финансиските можности, а оние што немаат семејна традиција се во уште потешка позиција.

Според Георгиевски, најголемиот проблем е што недостига јасна стратегија и вистинска поддршка од државата. „Без конкретна помош за младите земјоделци, тешко е да се остане. Потребно е некој да подаде рака за да ја видат младите својата иднина тука, а не надвор“, порачува тој.

Анализите на Регионалната стопанска комора во Битола од 2024 година покажуваат дека економијата во регионот, иако силно се потпира на земјоделството, се соочува со сериозен недостиг на квалификувана работна сила, проблем што директно го ограничува растот и продуктивноста.

„Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството има недостигот на квалификувана работна сила, со 28,6 проценти“, се наведува во анализата на Регионалната стопанска комора од Битола.

И покрај тоа што земјоделството е една од клучните економски гранки во Пелагонискиот Регион, интересот за стручно образование, особено во земјоделско-ветеринарната струка, постојано опаѓа. Дополнителен проблем претставува несоодветната усогласеност меѓу образованието и потребите на пазарот на труд.

„Постои несовпаѓање меѓу понудата и побарувачката на работна сила, а учениците често излегуваат без доволно практични знаења и вештини“, се наведува во анализата.

Од бизнис-секторот укажуваат дека токму практичната обука е еден од најслабите сегменти во стручното образование.

„Учениците не се доволно вклучени во практична обука кај работодавачите, а училиштата се недоволно опремени за квалитетна практична настава“, се додава во документот.

Како одговор на овие предизвици, Регионалната стопанската комора предлага низа мерки, меѓу кои клучна е унапредувањето на дуалното образование.

„Потребно е поголемо вклучување на компаниите во образовниот процес, со цел учениците да стекнат практични вештини и полесно да се вклучат на пазарот на трудот. Недоволната опременост на училиштата, особено за практична настава, е сериозен проблем и отстапува од потребните стандарди“, се наведува во анализата.

Овие препораки јасно укажуваат дека проблемот со недостигот на кадар не е само резултат на намален интерес кај младите, туку и на системски слабости во образованието и неговата поврзаност со реалната економија.

МОН работи на зголемување на интересот за стручно образование

Министерството за образование и наука го позиционира земјоделството како една од клучните развојни области, истакнувајќи дека обезбедувањето стручен кадар е еден од главните предизвици. Оттаму велат дека се преземаат активности за зголемување на интересот за стручното образование, особено преку развој на дуалниот модел, кој комбинира учење во училница и практична обука во компании.

„Земјоделството е дефинирано како една од четирите приоритетни области во Стратегијата за паметна специјализација на државата. Министерството за образование и наука во рамките на своите надлежности спроведува соодветни активности во насока на обезбедување на најважниот ресурс – човечкиот капитал. Во таа насока, работиме на популаризација на стручното образование, кое е генерално дефицитарно (вклучително и земјоделската струка), со особен фокус на дуалното образование, односно учење преку работа“, велат од Министерството за образование и наука.

Оттаму додаваат дека средното стручно образование се стимулира и со стипендии.

„Уписот во дуални паралелки го стимулираме и со доделување 1.570 стипендии на годишно ниво, по 3.500 денари за девет месеци во годината, за сите ученици што ќе се запишат во дуални паралелки и ќе ги исполнат конкурсните услови за стипендии“, велат од МОН.

Стареење на земјоделците

Проблемот со недостиг на млади кадри не е само локален, туку национален. Според Националната стратегија за рурален развој 2021-2027, само 4 проценти од носителите на земјоделски стопанства во државата се помлади од 35 години, додека 62 проценти се постари од 55 години.

„Пониските примања во земјоделството во споредба со другите економски сектори и несоодветните услови за живот во руралните области, делуваат дестимулативно за младите да започнат земјоделски бизниси“, се наведува во Националната стратегија за рурален развој, каде што се забележува дека интересот за земјоделските струки опаѓа во целата држава.
„И во средните стручни училишта и во високообразовните институции бројот на ученици и студенти во областа на земјоделството драстично се намалува поради намалената заинтересираност за овие области и поради миграцијата на младите“, се наведува во овој документ.

Во стратегијата се посочува и дека постојните капацитети за образование и обука често остануваат недоволно искористени, а врските помеѓу образовните институции, советодавните служби и земјоделските производители се слаби. Дополнителен проблем е и образовната структура.

„Поголемиот дел од земјоделската работна сила нема формално земјоделско образование и недостасуваат менаџерски и деловни вештини. Само 5,2 проценти од земјоделците имаат формално образование од земјоделските науки“, се наведува во документот.

Без упис во земјоделското училиште во Битола

Дополнителен аларм за состојбата дојде и со објавувањето на Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2026/2027 година, во кој го нема СОЗУ „Кузман Шапкарев“ во Битола.

Наместо тоа, образовните власти предвидуваат формирање една паралелка во Средното општинско училиште „Таки Даскало“, каде што во секторот „Земјоделство, рибарство и ветеринарство“ ќе се запишат 25 ученици на насоката агротехничар.

Ова практично значи дека земјоделското образование во Битола се дислоцира од специјализирано училиште во рамките на друга образовна институција.

Од Министерството за образование и наука велат дека не станува збор за укинување на струката, туку само за нејзино префрлање во друго училиште. Оттаму додаваат дека наставниците нема да ги изгубат работните места и ќе продолжат да им предаваат на веќе запишаните ученици.

Одлуката доаѓа и покрај тоа што во изминатите години во средното општинско земјоделско училиште во Битола беа вложени јавни средства за подобрување на условите за настава.

Од Општина Битола информираат дека се реализирани инвестиции во нагледни средства, реновирање кабинети и работни простории, како и набавка на компјутерска опрема и училиштен инвентар.

„Соработката и промоцијата на училиштето резултираше со набавка на нагледни средства во вредност од 250.000 денари, реновирање четири работни простории и два кабинета во вредност од 1.600.000 денари, како и дополнителна опрема и инвентар“, велат од Општината.

Сепак, и покрај овие вложувања, со новиот конкурс не се предвидува упис на нови ученици во училиштето, што отвора прашања за оправданоста на инвестициите и долгорочната стратегија за развој на стручното образование во регионот.

Барање за преиспитување на одлуката

Вработените во Земјоделското училиште побараа институционална поддршка по одлуката на Министерството за образование и предупредуваат дека неговото исклучување од системот на упис, ќе има далекусежни негативни последици за регионот и пошироко.

„Ваквиот чекор доаѓа во момент кога Пелагонија, како еден од клучните земјоделски региони, веќе се соочува со сериозни предизвици – недостиг на млади кадри, стареење на земјоделската работна сила и намален интерес за аграрни професии“, наведуваат во реакцијата вработените во училиштето.

Според нив, стручното образование од земјоделско-ветеринарната област од суштинско значење е да се реализира во специјализирани училишта со соодветна инфраструктура и практична настава, услови кои, како што велат, ги исполнува токму ова училиште.

„Секој ученик во овие насоки не е само бројка, туку потенцијален агроном, советодавец или ветеринар – кадар што му е неопходен на земјоделството“, пишуваат вработените.

Падот на бројот на ученици во земјоделското училиште во Битола е дел од поширок системски проблем што ги поврзува образованието, економијата и демографските промени. Во регион што располага со десетици илјади хектари плодна земја и има клучна улога во производството на храна, недостигот од млади и образовани кадри станува сериозен ризик за идниот развој.

И додека решенијата се познати – подобро поврзување на образованието со бизнис-секторот, инвестиции во современа опрема, стимулации за учениците и промена на перцепцијата, нивната примена е бавна.

Сега останува прашањето дали овој нов модел на дислокација на земјоделското образование од специјализирано во друго средно училиште ќе донесе поголем интерес кај младите или ќе значи дополнително слабеење на земјоделското образование. Од тоа зависи и дали Пелагонија ќе има образован земјоделски кадар или ќе остане житница без наследници.

*Александра Кочовска Ристевски е активистка во Организацијата на жени Битола

** Емилија Мисирлиевски е новинарка

Редакција https://lap.mk

Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Зачлени се на нашиот е-билтен