Премиерот Христијан Мицкоски не само што најави „убава вест“ за инвестиција од над една милијарда евра во гасификација – туку тој фактички се постави во улога на човек кој однапред „договара“ концесија со конкретна компанија, надвор од своите уставни и законски надлежности. Наместо да биде прв гарант дека постапката ќе оди преку јавен повик, транспарентен тендер и одлука на Владата, премиерот ја презема улогата на главен договарач со „АКСА“, оставајќи впечаток дека правната рамка важи за сите – освен за него.
Премиер како „главен концедент“ – улога што не постои во закон
На 1 јануари 2026, одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски најави дека „во средината на јануари“ ќе се сретне со раководството на „АКСА“ за да ги утврдат „клучните приоритети“ за гасификацијата, проект вреден околу милијарда евра, за кој, како што рече, подготовките се „веќе во напредна фаза“. Од истата изјава произлегува дека физибилити студијата е готова, параметрите се јасни, а приоритетите практично се дефинираат на релација премиер – конкретен инвеститор, а не во рамка на јавна постапка отворена за сите заинтересирани компании.[
Законот за концесии и јавно приватно партнерство, пак, е недвосмислен: кога концедент или јавен партнер е Република Северна Македонија, одлуката за отпочнување постапка ја донесува Владата „по предлог на министерот надлежен за областа во која се доделува јавно приватно партнерство или концесија“ (член 18). Владата може да го овласти надлежниот министер да го потпише договорот „во име на Владата“, но никаде не постои категорија „премиер како самостоен концедент“ кој во политички преговори, без јавен повик, „утврдува приоритети“ со избран приватен партнер.
Кога нема тендер, политиката станува ризик
Овој проект не е техничка набавка од неколку милиони, туку пакет: секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративни гасни централи со 500 MW капацитет, кои би произведувале 4,1 TWh електрична и 720 GWh топлинска енергија годишно. Вкупната вредност, според најавите, надминува една милијарда евра – што ја прави оваа гасификација една од најважните потенцијални концесии во новата историја на државата, со директно влијание врз енергетската безбедност, цените и долгорочната зависност од конкретни добавувачи.
Законот бара ваквите договори да се доделуваат преку отворена или ограничена постапка, постапка со преговарање со претходно објавување на оглас или конкурентен дијалог, согласно Законот за јавните набавки. Тоа не е правна козметика: јавниот повик, конкуренцијата и јасните критериуми го штитат јавниот интерес – се споредуваат услови, цени, ризици, се намалува простор за корупција и клиентелизам, а државата не станува заложник на договори склучени зад затворени врати.
Кога премиерот всушност ѝ дава стартна позиција на „АКСА“, дел од „Казанчи холдинг“, уште пред воопшто да биде распишан јавен повик, тоа е директен удар врз начелото на конкуренција од Законот за јавните набавки, кој бара договорниот орган да не ја ограничува неоправдано конкуренцијата помеѓу економските оператори. Пораката до сите други потенцијални инвеститори е јасна: не е битно колку е добра понудата, ако немате политички договор на врвот на извршната власт.
Од „убави вести“ до опасен преседан
Мицкоски во истите настапи сака да ја задржи сликата на лидер кој носи „убави вести“ и милијардски инвестиции, а критичарите ги релативизира како „талог на општеството“ и „рилиџии“ кои не ја разбираат големината на проектот. Но суштината не е дали гасификацијата е потребна (таа несомнено е), туку дали премиерот е подготвен да го заобиколи сопствениот правен поредок за да ја реализира по сопствен политички терк.
Ако овој модел помине – премиер кој надвор од својата надлежност „договара“ со избран инвеститор и потоа му се крои процедура по мера – тоа ќе биде опасен преседан за сите идни големи проекти: патишта, енергетика, води, дигитална инфраструктура. Денес е гасификација од милијарда, утре може да биде нов автопат, хидроцентрала или рудник, каде тендерот ќе биде само “покритие” за договор што одамна е постигнат во премиерскиот кабинет.
Во држава која тврди дека сака членство во ЕУ и усогласување со европските стандарди, вистинската „убава вест“ не би била тоа дека премиерот нашол инвеститор, туку дека Владата покажала зрелост да распише отворена, фер и транспарентна постапка – во која е можно „АКСА“ да победи, но не затоа што Мицкоски така решил, туку затоа што понудила најдобри услови во рамка на законите кои важат за сите.