Просечната плата во септември достигна 45.466 денари – раст од 9,3 проценти

Просечната исплатена нето-плата за септември оваа година изнесува 45.466 денари, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Износот е повисок за 9,3 проценти во однос на истиот месец минатата година, што укажува на континуираниот тренд на раст на доходите.

Зголемувањето на просечната плата најмногу произлегува од растот во три сектори: образованието, каде платите пораснале за 14,9 проценти, здравствената и социјалната заштита со раст од 12,6 проценти, и транспортот и складирањето, каде платите се повисоки за 11,5 проценти во споредба со лани.

Во однос на август, месечен пораст на нето-платата е забележан во преработувачката индустрија (3,5%), јавната управа и одбраната, вклучително и задолжителното социјално осигурување (1,8%) и рударството и вадењето камен (1,1%).

Покрај нето-платите, раст е забележан и кај бруто-платите. Просечната бруто-плата во септември изнесувала 68.392 денари – исто така за 9,3 проценти повисока од минатата година. Најзначителни придонесувачи кон овој пораст се секторите образование (15,1%), здравствена и социјална заштита (12,8%) и транспорт и складирање (10,6%).

Во споредба со претходниот месец, бруто-платата пораснала во преработувачката индустрија за 3,6 проценти, во јавната управа и одбраната за 1,9 проценти и во рударството и вадењето камен за 1 процент.

Зачлени се на нашиот е-билтен