Најранливите семејства ќе добијат помош за да купат инвертер клими и на тој начин да ги намалат трошоците за електрична енергија и затоплување. Министерството за енергетика објави оглас на кој ќе можат да се пријават домаќинствата кои ги исполнуваат условите да добијат инвертер клима-уред со моќност од 3.5 киловати и енергетска класа од најмалку А+, кои штедат електрична енергија и имаат висока ефикасност за греење и ладење.
Според критериумите од огласот, за инвертер клими ќе може да аплицираат домаќинства со ниски приходи кои се во состојба на енергетска сиромаштија и кај кои приходите во еден месец изминатата година не надминале 25.000 денари за едночлено домаќинство, 31.000 денари за двочлено, 37.000 денари за трочлено и 43.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена. Во зависност од тоа во која категорија влегуваат, овие семејства ќе можат да добијат помош од 25.000 до 35.000 денари.
За помош ќе може да аплицираат и семејства каде пензионерите се единствените членови кои имаат приход, и тоа со минимални примања од 15.700 денари за едночлено домаќинство, 19.800 денари за двочлено и 23.700 денари за домаќинство со три и повеќе члена. Овие семејства ќе може да добијат од 10.000 до 20.000 денари.
Помош за надминување на енергетската сиромаштија преку оваа мерка не може да добијат семејства кои се приклучени на системот на парно греење или досега користеле субвенции за купување клима или печка на пелети.
Рокот за аплицирање е 60 дена од денот на објавувањето на огласот, а од буџетот за оваа мерка ќе се одвојат 170 милиони денари. Јавниот оглас и потребните обрасци за аплицирање се објавени на веб-страницата на Министерството.