Рекорден скок на златото: најсилен раст во речиси половина век

Златото ја заокружува 2025 година со исклучителен учинок, откако фјучерс-договорите што се тргуваат во Њујорк пораснаа за речиси 71%. Со тоа, жолтиот метал е на пат кон најдобриот годишен раст во последните 46 години.

Ваква силна година златото последен пат имаше кон крајот на 1970-тите, во време на висока инфлација, геополитички тензии и енергетска криза во САД. Денес, глобалната сцена повторно е обележана со неизвесност – трговски бариери, војната што Русија ја води против Украина, зголемени тензии на Блискиот Исток и нестабилност на енергетските пазари што ги турка инвеститорите кон безбедни засолништа.

Златото традиционално се смета за заштита во време на кризи, особено кога инфлацијата расте или валутите слабат. „Неизвесноста останува клучна одлика на светската економија“, вели Џо Каватони, висок пазарен стратег во Светски совет за злато. „Во таква средина, златото станува сè попривлечно како стратешки диверзификатор и извор на стабилност.“

Иако златото не носи каматен приход како обврзниците, намалувањето на каматните стапки од страна на Федерални резерви во последните месеци ги притисна приносите на обврзниците и дополнително ја зголеми атрактивноста на благородниот метал.

На почетокот од годината, фјучерсите за злато се движеа околу 2.640 долари за унца, а неделава цената го надмина рекордното ниво од 4.500 долари. Аналитичарите на JPMorgan Chase очекуваат цената да ја надмине границата од 5.000 долари за унца во 2026 година.

Годишниот раст на златото значително го надмина и приносот на S&P 500, кој годинава порасна за околу 18%. Трендот е поддржан и од послабиот американски долар, што го прави златото подостапно за меѓународните инвеститори.

Силната побарувачка не доаѓа само од индивидуални инвеститори, туку и од држави. Централните банки купуваат злато со рекордно темпо, предводени од Кина. Според експертите, Пекинг со тоа настојува да ја намали зависноста од американските средства, како доларот и државните обврзници.

По руската инвазија врз Украина во 2022 година и замрзнувањето на руските средства во долари, многу земји почнаа поактивно да ги диверзифицираат своите резерви. „Овој бран на купување злато од страна на централните банки е длабоко вкоренет во геополитиката“, оценува Оле Хансен од Саксо банка.

Според Светски совет за злато, централните банки во изминатите три години акумулирале повеќе од 1.000 тони злато годишно далеку над просекот од претходната деценија.

Паралелно со златото, силен раст бележат и другите скапоцени метали: среброто, платината и паладиумот. За инвеститорите, тие претставуваат заштита од „сè понеизвесниот свет“, а аналитичарите очекуваат трендот да продолжи и во 2026 година, поттикнат од високата побарувачка и ограничената понуда.

Зачлени се на нашиот е-билтен