Рекордни загуби за скопски „Водовод“, и покрај највисоките приходи во секторот

Иако „Водовод и канализација – Скопје“ останува лидер во водоводниот сектор според приходите, најновите податоци покажуваат дека јавното претпријатие се соочува со сериозен финансиски удар.

Според податоците на „Бизнис Мрежа“, скопскиот „Водовод“ ја завршил 2024 година со приходи од 27,3 милиони евра – највисоки во земјава. Сепак, ова претставува пад од 4,18% во споредба со претходната година, а наместо позитивен биланс, претпријатието забележало загуба од околу 4,2 милиони евра (256 милиони денари) – најголема досега во своето работење.

Добивка последен пат е евидентирана во 2020 година, кога изнесувала околу еден милион евра.

Претпријатието останува најголем работодавач во секторот, со 1.084 вработени, иако и тука е забележан пад од 4,16% на годишно ниво. Според финансиските извештаи, речиси половина од приходите се трошат на плати. Во 2024 година биле исплатени вкупно 490 милиони денари за нето плати, вклучувајќи ја и 13-тата плата, додека основниот фонд за плати изнесувал 405 милиони денари.

Просечната нето месечна плата во „Водовод“ се движела околу 31.660 денари, што претставува раст од 5,5% во споредба со 2023 година.

Вкупните трошоци на претпријатието достигнале 1,9 милијарди денари (околу 31,4 милиони евра), што е пораст од 10,5% во однос на претходната година.

Покрај снабдувањето на домаќинствата со вода, од стабилноста на скопскиот „Водовод“ зависат и други градски јавни претпријатија, меѓу кои „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“, кои добиваат дел од своите средства преку меѓусебна распределба на средства од градскиот буџет.

Зачлени се на нашиот е-билтен