Америка им дозволи на земјите да купуваат руска нафта и бензин, кои моментално се наоѓаат на бродови на море, во обид да ги ублажат економските последици од американско-израелската војна со Иран.
Министерот за финансии, Скот Бесант, рече дека станува збор за привремена мерка насочена кон „обезбедување стабилност на меѓународниот енергетски пазар“ за време на војната.
Мерката ќе важи до 11 април.
„Оваа тесно дефинирана, краткорочна мерка се однесува само на нафтата што веќе е во транзит и нема да донесе значителни финансиски придобивки за руската влада“, рече Бесент.
Нападите врз бродовите и енергетската инфраструктура во Персискиот Залив и затворањето на клучниот Ормутски теснец го потресоа глобалниот енергетски пазар.
Цените на нафтата повторно се искачија над 100 долари за барел на 12 март откако уште три товарни бродови беа погодени во регионот на Блискиот Исток.
Досега, најмалку 13 трговски бродови беа погодени и оштетени во Ормутскиот теснец, Персискиот Залив и Оманскиот Залив.
Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, изјави дека блокадата на Ормутскиот теснец, еден од најважните морски патишта низ кој минува околу една петтина од нафтата што се користи во светот, ќе продолжи.
Скокот на цените на енергијата оваа недела ја принуди Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) да ослободи рекордни 400 милиони барели нафта од резервите.
Азиските земји, кои се големи купувачи на нафта од Заливот, објавија низа мерки во последните денови.
Претседателот на Филипините, кои околу 95 проценти од својата сурова нафта ја набавуваат од Блискиот Исток, им порача на вработените во јавните служби да преминат на четиридневна работна недела за да заштедат гориво.
Во меѓувреме, Јапонија, Јужна Кореја и Тајланд објавија ограничувања на цените на горивата.
„Сегашниот скок на цените е краткорочно и привремено нарушување од кое нашата земја и економија ќе имаат огромна корист на долг рок“, рече Бесент.
Тој претходно изјави дека американските воени бродови ќе ги придружуваат и заштитуваат трговските бродови низ Ормутскиот теснец „штом тоа стане воено можно“.
Можноста за воена придружба „отсекогаш била дел од нашите планови“, изјави тој за Скај њуз.
На прашањето дали ова може да се очекува во наредните денови, Бесант одговори: „Штом ќе биде можно да се обезбеди безбеден премин, ние ќе го сториме тоа“.