Инфлацијата на годишно ниво изнесува 4,8 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Според СДСМ, ова е уште еден доказ за, како што велат, „економија во слободен пад“ и резултат на погрешните економски политики на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
На прес-конференција, заменик-претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Ема Нешковска, истакна дека речиси сите производи поскапеле, а најмногу храната и основните намирници. „Животот станува сè потежок, а граѓаните имаат сè помалку пари. Илјадници семејства едвај врзуваат крај со крај, родителите се приморани да се откажуваат од многу работи за да обезбедат оброк за своите деца,“ рече Нешковска.
Од СДСМ додаваат дека додека граѓаните секојдневно се соочуваат со високи цени, Владата се уште спроведува „анализи“ наместо конкретни мерки. Партијата потсетува дека предложила сет мерки за намалување на цените и зголемување на платите, меѓу кои: укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во други сектори.
„Само на овој начин ќе се намалат цените и ќе се заштити стандардот на граѓаните, спречувајќи понатамошно осиромашување,“ наведуваат од СДСМ, додавајќи дека „сметката секој ден ја плаќаат граѓаните“.